Заев: Бугарија не сака нов договор ниту анекс, нема преговори за идентитетот и јазикот

од Nikola Popovski

Претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев велат дека не се подготвени на отстапки и компромис со соседна Бугарија кој би задирал во македонскиот идентитет или јазик. По денешниот состанок на Советот за безбедност посветен на кризата со коронавирусот, двајцата највисоки државни функционери ги коментираа последните информации кои доаѓаат од Брисел и Софија.

Заев вели дека Грција го призна нашето право на самоопределување, а и Бугарија е пријателска земја која јавно изјавува дека го признава македонскиот народ.

„Очекувам дека Бугарија ќе направи конкретен, прецизен чекор. Имаме успеси со изнаоѓањето решенија за многу историски личности. Мора да водиме грижа за двете страни за да постигнеме компромис“, рече Заев.

Додаде дека ако има потреба од усна или писмена изјава, декларација – ќе се појаснат ставовите.

„Бугарија не сака нов договор ниту анекс. Очекувам Бугарија да продолжи да биде првиот и најголем поддржувач. Следен чекор е првата меѓувладината конференција која ќе значи ново поглавје за нашата земја. Се согласувам со претседателот Пендаровски дека нема преговори за идентитетот и јазикот. Но, меѓусебното разбирање внатре не носи кон она што го викаме реалност. Факт е дека имаме заедничка историја и ако бидеме паметни со доминантен фокус на иднината имаме можност да го искористиме тоа“, рече Заев.

Во однос на полемиките за етничката припадност на Гоце Делчев, и дебатите кои на таа тема се водат во Мешовитата историска комисија на двете држави, претседателот Пендаровски оценува дека тоа не е работа ни на историчарите.

„Ако Гоце Делчев во некои документи, како што велат од бугарска страна, се изјаснил како Бугарин, ние во Македонија имаме многу документи дека тој се борел за Македонија и сакал да почива во Македонија. Тука се неговите мошти, во Скопје”, рече Пендаровски.

Слични содржини