Заев: Холокаустот е најголемото злосторство, а сеќавањата на жртвите секогаш ќе биде наша должност

од Берта Китинска

Денеска ја одбележуваме 78-годишнината од депортацијата на нашите сограѓани, македонските Евреи, во нацистичките логори на смртта. Оваа трагедија е длабоко врежана во колективната меморија на македонските граѓани и ги испиша едни од најмрачните страници во историјата, напиша премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук.

-Со сеќавањето на жртвите од овој ужасен злочин со кој 7.144 македонски Евреи беа погубени во логорот „Треблинка“, и кога им оддаваме помен и на останатите шест милиони невини еврејски мажи, жени и деца, се соочуваме со последиците на ова ѕверство и жалиме за сите семејства кои беа погубени, жалиме за роднините, жалиме за соседите, жалиме за целата еврејска заедница во нашата земја.

Нашата обврска, на секој од нас, е засекогаш да остане запаметен овој антицивилизациски акт со сиот негов ужас, како предупредување и лекција од минатото. Лекција која добро треба да се знае за предвреме да се пресретнат сите форми на зло и сите опасности, кои на било каков начин можат да ја засенат нашата заедничка иднина и градењето на еднакво општество за сите.

Холокаустот е најголемото злосторство во современата историја на човештвото, а сеќавањата на жртвите секогаш ќе биде наша должност – Никогаш повеќе да не се повтори!, напиша Заев.

Слични содржини