Законот за Јавно обвинителство на последно „чешлање“ пред да го помине првиот собраниски филтер

од Aleksandar Todeski

Седницата на која треба да се изгласа потребата од носење на Законот за Јавно обвинителство по итна постапка се уште не е почната, иако претседателот на Собранието, Талат Џафери ја закажа за во 17:00 часот.

Извори на „Локално“ од Законодавниот дом велат дека се дополнуваат и последните измени кои суштински нема да го променат Законот, но кои би го задржале мнзоинството од 80 пратеници, откако опозициските Алијанса за Албанците и Беса преку прес конференции соопштија дека нема да гласаат за Законот, а лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети, кажа дека Законот кој пристигнал во Собранието не бил оној кој го усогласиле на синоќешната владина седница.

За законот позитивно се изјаснија седум од осумтемина пратеници од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, односно сите освен Елизабета Канческа-Милевска. Таа во посебно соопштение од пратеничката група извести дека не учествувала во изготвувањето на Законот и дека смета дека ваков закон треба да има поддршка и од нејзината матична партија, од која беше исклучена откако гласаше за уставните измени.

Законот за јавно обвинителство конечно пристигнува на собраниска седница, а потоа и на Комисијата за европски прашања по година и пол преговори, но и по четири различни верзии. Неговото носење е од голема важност за европската иднина на земјата, нешто што е посочено од повеќе претставници на Европската Унија, како и од амбасадори на земји-членки на Унијата.

А.Т.

 

Слични содржини