ЗАВРШИ СРЕДБАТА ВО КРЕМЉ: Путин и Си Џинпинг разговараа четири и пол часа

од Vladimir Zorba

Разговорот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот кинески колега, Си Џинпинг заврши по четири и пол часа, јави државната новинска агенција Риа Новости.

Една од темите на разговорот меѓу двајцата државници беше мировниот план на Кина за Украина.

За време на средбата Путин истакна дека знае оти Кина тргнува од принципите на правда и почитување на основните одредби на меѓународното право.

– Секогаш сме отворени за преговарачкиот процес и секако ќе разговараме за сите овие прашања, вклучувајќи ги и вашите иницијативи, кои безусловно ги почитуваме – нагласи Путин, пренесе ТАСС.

Според рускиот лидер, односите меѓу Москва и Пекинг придонесуваат за зајакнување на мултиполарниот свет.

Путин секогаш има при рака руски сладолед за својот гостин, кинескиот претседател Си Џинпинг, изјави денеска пак портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.

– Секако. Сладоледот е секогаш подготвен. Си го сака – одговори Песков на новинарско прашање дали кинескиот лидер ќе се почасти со руски сладолед во Москва, пренесе ТАСС.

Говорејќи за менито за претстојната државна вечера, што ќе се одржи утревечер во палатата Фацета, портпаролот на Кремљ вети „традиционална руска кујна“ и додаде дека е подготвена и посебна културна програма, без да навлегува во детали.

Пред неколку години, на Источниот економски форум, кинеските бизнисмени му кажаа на Путин дека рускиот сладолед е вистински хит во нивната земја, а при неговата следна посета на Пекинг во 2016 година, Путин на Си му донесе сладолед како подарок.

Слични содржини