Здружение на гинеколози: Eдна година нема реагенси за основни брисеви за трудниците

од desk4
106 прегледи

Владата се уште чека согласност од Бирото за јавни набавки за 20-те нови инкубатори кои ги најави премиерот Заев. Од министерството за здравство очекуваат следната недела да добијат потврден одговор од бирото, но нема датум кога инкубаторите ќе бидат ставени во функција, информира ТВ24.

„Имаме потешкотии со советот за јавни набавки и ги решаваме не само за овој проблем, туку и за други. Се надевам дека ќе најдеме заеднички јазик во интерес на пациентите.“ – вели Гоце Чакаровски – заменик – министер за здравство.

Се уште не профункционирал ниту одделот за интензивна нега на детска клиника, одговорот повторно ист – наскоро ќе биде отворен.

Додека јавноста бара одговори што ќе се преземе по смртните случаи на новороденчињата, од ресорното министерство тврдат дека сериозно работат на намалување на стапката на смртност.

„Најдобро е да се екипираат родилиштата со доволен број на гинеколози, акушери и неонатолози и процентот на смртност ќе се намали.“ – вели Чакаровски.

Гинеколозите пак алармираат – ситуацијата не може да биде полоша. Потребно е итно дејствување, а не само декларативни заложби. Претседателот на здружението на гинеколози вели дека најчестите причини за предвремени породувања се инфекциите, а веќе две години микробиолошките лаборатории не располагаат со основните реагенси за неопходните брисеви за трудниците. Проблемот одговорните го лоцираат во Советот за јавни набавки.

„Ако инфекцијата е основниот прв причинител на предвременото породување, а ние сакаме да ја сузбиеме и оправданието е советот за јавни набавки за да даде дозвола за тендер. Така ќе ја влошиме состојбата.“ – вели д-р Душко Филиповски – претседател на здружение на гинеколози.

Дополнителен проблем е што од лабораториите за ист пациент добиваат различни наоди. Методите на обработка на анализите мора да се стандардизираат.

„Не можам јас при преглед да видам дека постои видливо воспаление кај гениталиите, а во резултатите да добијам уреден наод. Треба да се стандардизираат лабораториите.“ – вели д-р Филиповски.

Во 2015-та здравствените власти формираа Комитетот за безбедно мајчинство, составен од 10 експерти кои требаше да спроведат акционен план за намалување на смртноста на новороденчињата, но од формирањето на комитетот бројките не само што не се намалија, туку се неколкукратно се зголемија, а Македонија и натаму остана на листата на земји со највисока стапка на смртност на новороденчиња.