Земјоделците по средбата со Мицотакис: Не се исполнети сите наши барања

од Radmila Tasevska
239 прегледи

Не беа исполнети сите наши барања и ова се покажа и во разговорите, истакна претставникот на грчките земјоделци по средбата со премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис на која беа соопштени мерки за поддршка и објасни дека дополнително ќе ги одлучат нивните следни чекори, јави дописничката на МИА од Атина.

Состанокот во Премиерската палата со 15-те претставници на земјоделците, траеше подолго од предвиденото, поминал во добра клима со конструктивен и суштински дијалог, а Мицотакис предложил дополнителни мерки за поддршка.

Земјоделците бараат намалување на трошоците за производство односно земјоделската нафта да биде ослободена од данок, намалување на цената на струјата на седум центи за киловатчас, субвенција за добиточна храна, 100 отсто надомест и оштета за загубениот приход од производите.

На денешната средба, Мицотакис соопштил поевтина струја за следните две плус осум години што ќе се движи меѓу 10 и 11 центи за киловатчас, а во првите две години ќе биде под десет центи, почнувајќи од 1 април годинава.

Тој дополнително најавил и авансно исплаќање на повратот на посебниот данок на потрошувачка на земјоделската нафта на крајот на март, но и дека Владата е подготвена да отвори дијалог за поправеден начин на враќање на данокот од 2025 година.

По средбата, претставниците на земјоделците рекоа дека не биле исполнети сите нивни барања, а дополнително ќе ги информираат нивните колеги од цела Грција за состанокот со Мицотакис.

– Сметаме дека нашата борбата треба да продолжи, блоковите треба уште повеќе да се зајакнат за да се задоволат дополнително, во најголема можна мера барањата за опстанок што земјоделското движење во земјата ги поставува сите овие денови, истакна претставникот на земјоделците Ризос Марудас, .

Објасни дека уште денеска ќе бидат информирани сите земјоделски блокови во цела Грција, што се над 55, а најдоцна до утре ќе ја соопштат одлуката за нивните следни чекори.

Грчките земјоделци веќе три седмици протестираат со поставени над 55 блокови низ целата земја, повремено блокираат патишта, автопати и гранични премини, како што е случај со преминот Ники кон Северна Македонија.

Слични содржини