Заменикот-министер за надворешни работи Андреј Жерновски денеска оствари телефонски разговор со шефот на грузиската дипломатија Давид Залкалиани.
Како што соопшти Кабинетот на Жерновски, во разговорот стана збор за можностите за унапредување на билатералната и мултилатералната соработка. Во тој контекст, Жерновски изрази уверување дека неодамнешното воспоставување на дипломатските односи, отвора нови можности за поблиска соработка меѓу двете земји.
Во разговорот беше констатиран високиот степен на совпаѓање на приоритетите на двете земји во меѓународните организации, во насока на зајакнување на мултилатерализмот, унапредување на мирот и одржливиот развој.
Заменикот-министер Жерновски ја пренесе силната посветеност на Република Северна Македонија кон меѓународната соработка, како клучна во решавање на предизвиците пред кои сме исправени.
Во овој контекст, стана збор за кандидатурите на двете земји во Советот за човекови права на Обединетите нации и можноста за меѓусебна поддршка, како и за поблиска соработка во рамки на Обединетите нации, Организацијата за безбедност и соработка во Европа и Советот на Европа.