Трендовите во исхраната изминатите неколку години наложија внес на големи количини овошје и зеленчук, за што најпрактичен начин се покажа нивното процесирање во блендер или соковник.
На тој начин полесно може да се внесе поголема количина овошје и зеленчук, која инаку не би можеле да ја изедеме.
Но, дали сте помислиле дека во текот на правењето на сокот, вие всушност ги „кинете“ сите растителни влакна, а во добиената течност покрај важни нутритивни состојки, останува и голема количина шеќер, која нема за што да се „врзе“.
Сите овошја содржат фруктоза и присуството на шеќер не може да се избегне. Всушност, има многу случаи во светот во кој луѓето кои го заменувале појадокот со свеж сок, забележале дека складираат масти во стомакот и дека на долгорочен план навистина не се чувствуваат добро.
Нутриционистите би ве советувале овошјето да го јадете цело, во количина во која можете да го изедете. Така ќе искористите поголем дел од хранливите состојки кои ги има, а шеќерите ќе има во што да се „впијат“, без да се складираат во вашето тело.