Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ), денес испрати писмо со реакција до МОН за новопредложената концепција на основно образование.
Во писмото се наведува дека со новиот концепт, наместо да се оди во насока на зајакнување на условите за реализација на воведените информатички содржини, се оди неколку чекори наназад и се брише се она што досега постигнато.
-Главната критика е дека со новиот концепт кој што е изложен, наместо да се оди во насока на зајакнување на условите за реализација на воведените информатички содржини (преку обуки на наставниците, набавка на соодветен хардвер и софтвер, изнаоѓање на креативни решенија за задржување на информатичарите во образованието) се оди неколку чекори наназад и се брише и тоа што претходно е постигнато. Исто така, насловот на предметот „Техника, технологија и информатика“ спојува многу различни, во делови и несродни области, и е неразбирливо вклучен во таканаречена група Б задолжителни предмети, без да се земе предвид дека информатиката е дел од STEM образованието, се наведува во соопштението на ЗИМ.
Според ЗИМ, треба да се препознае потребата на учениците и да им се даде добра основа уште од најмала возраст за тие да бидат способни да ја изберат информатиката како идна професија.
– Тоа овозможува земјата да има голем и профитабилен информатички сектор, кој не само што згрижува значаен дел од работната сила, туку за нив обезбедува високи примања, за државата овозможува раст и зголемен извоз, како и висок приход во пензискиот систем, велат од ЗИМ.
Реагираат на укинувањето на претходно воведените теми од информатиката во раната возраст и апелираат да не се оди, како што велат, со избрзани решенија.
– Апелираме да се направат напори информатиката да се изучува во континуитет од трето до деветто одделение, со особена промоција на името на предметот, како би се дал фокус и би се заинтересирале што повеќе ученици да ја изберат информатиката како нивна идна професија.
Апелираме да не се класифицира информатиката во таканаречена „група Б” задолжителни предмети кога е јасно дека е подмножество од STEM, се вели во реакцијата од ЗИМ.