Откако Карло Анчелоти го напушти Евертон, започна голема сага околу неговиот наследник. Како наследник на Италијанците се споменуваше Нуно Еспирито Санто, а откако тој отпадна, Рафаел Бенитез се појави како главен кандидат.

Сè ќе беше во ред доколку славниот шпански тренер не минеше шест години (2004-2010) на клупата на градскиот ривал, па навивачите на „карамелите“ протестираат против неговото доаѓање. Тие веќе се заканија дека ќе престанат да купуваат сезонски билети, но и производи во фан шоповите, а сега отидоа чекор подалеку и испратија заканувачки пораки до шпанскиот тренер.

Пред неговата куќа во Ливерпул, го пречека транспарент со порака: „Знаеме каде живееш, не потпишувај!“

Сопственикот на Евертон, Фарад Мошири, смета дека Бенитез е вистинскиот човек за клубот и дека „карамелите“ би се вратиле во европските натпреварувања со него. Тој е убеден дека спротивставувањето на навивачите не е пречка Шпанецот да дојде во клубот.

Во случај Бенитез да дојде на „Гудисон Парк“, шпанскиот тренер би влегол во историјата како само втор тренер кој ги водел и Ливерпул и Евертон. Првиот беше Вилијам Едвард Баркли, кој го напушти Гудисон во 1892 година и замина во новоформираниот клуб во градот – Ливерпул.

Слични содржини