Зошто изборите за Конгресот се важни за Америка и за светот?

од Vlatko K

Изборите за Конгресот на 6 ноември се добра шанса да се изврши влијание врз однесувањето на администрацијата на Трамп за клучни прашања, со оглед на фактот што следните претседателски избори во САД се дури за две години.

    
USA Early Voting in Irvine, Kalifornien (Reuters/M. Blake)

Надворешна политика:

Надворешната политика во принцип не е меѓу приоритетните теми ниту на американските претседателски избори, а камоли на изборите за Конгресот (или како што уште се нарекуваат – меѓуизбори, н.з.) кои во принцип се фокусираат на национални и локални теми. Но, ова не се нормални времиња. Надворешната политика одигра огромна улога во трката за претседател во која победи претседателот Доналд Трамп и може да биде фактор и за изборите за Конгресот – додуша на индиректен начин.

„Меѓуизборите се најчесто рефлексија на популарноста на претседателот“, вели Тревор Трал, предавач на универзитетот „Џорџ Мејсон“ и Като-институтот. „Мерките кои ги презема Трамп во однос на надворешната политика се многу негативно оценети во американската јавност – тоа го покажуваат последните анкети – и тоа има огромен негативен ефект врз неговата популарност.“

Иако веројатно надворешната политика нема да биде клучна изборна тема, резултатот од конгресните избори веројатно ќе има влијание на различни начини врз администрацијата на Трамп и тоа како таа ќе продолжи да ја води надворешната политика. Ако демократите им ја преземат контролата на републиканците во Сенатот, што во моментов изгледа неверојатно, но не и невозможно, тоа ќе им даде значително влијание врз надворешната политика.

Повеќе: Трамп ја претвора надворешната политика во „one man show“

Со оглед на тоа дека се бара одобрение од Сенатот за номинациите за извршната власт и за меѓународните договори, демократите може да го блокираат назначувањето на официјални дипломатски претставници и да стават сопирачки на трговските договори, кои се камен темелник на политичката агенда на Трамп, и други меѓународни договори. Токму затоа за претседателот Трамп и републиканците во Конгресот губење на мнозинството во Сенатот е најстрашното можно сценарио: тоа ќе им даде на демократите силен механизам да вршат притисок врз Белата куќа. Но, и во случај демократите да го повратат Претставничкиот дом од републиканците, што изгледа веројатно, но не мора да значи со сигурност, тие може да извршат влијание врз надворешната политика, секако во многу помала мерка во споредба со тоа кога би го освоиле мнозинството во Сенатот.

„Ако демократите ја преземат контролата врз Претставничкиот дом, тоа ќе донесе значајни промени во однос на јавни сослушувања и јавниот дискурс, бидејќи ќе има многу комисиски истраги за администрацијата, вклучително и промени во администрацијата во врска со примена на имиграцијата“, вели Франсис Ли, научник од Универзитетот Мериленд.

Истрага за постапките на администрацијата на Трамп во случаите на недокументирани имигранти може да биде една од последиците од демократски воден Претставнички дом. Друга мерка со сигурност би била да се започне истрага за поврзаноста на предизборната кампања на Трамп со Русија.

USA Präsident Donald Trump (Getty Images/A. Wong)Надворешната политика одигра огромна улога во трката за претседател во која победи претседателот Доналд Трамп и може да биде фактор и за меѓуизборите

Секако, ништо од ова нема да го смени курсот на надворешната политика на Трамп. Но ќе му го отежне и одолговлече спроведувањето на неговата политика, што можеби ќе го натера да размисли дали вреди да турка некоја надворешнополитичка одлука и политичката цена што треба да ја плати за да ја протурка преку демократските пречки во Конгресот. Често се занемарува невообичаената пракса на промена на сите клучни места поврзани со надворешната политика по меѓуизбори. Првиот човек на Комисијата за надворешна политика во Претставничкиот дом, републиканецот Ед Ројс, се пензионира, исто како и неговиот колега во Сенатот, републиканецот Боб Коркер. Спикерот на Домот, Пол Рајан, кој исто така е носител на клучна позиција поврзана со надворешната политика на Конгресот, исто така најавува оставка. На крајот, следниот прв човек на Комисијата за вооружени сили на Сенатот, клучна позиција во однос на надворешната политика, која ја водеше починатиот конгресмен Џон Меккејн, исто така ќе биде одреден по конгресните избори.

Внатрешна политика

Исто како што преземањето на едниот или двата дома на Конгресот би им овозможило на демократите да ја смират или блокираат надворешната политика на Трамп, така истото би можеле да го прават и со внатрешната политика, но со многу посилeн притисок. Тоа е така, бидејќи Уставот дозволува Конгресот многу повеќе да влијае на внатрешната отколку на надворешната политика, која главно ѝ е препуштена на извршната власт.

Демократска доминација дефинитивно би ги избришала надежите на републиканците за целосно елиминирање на реформата во здравството иницирана од Барак Обама. Тоа би можело негативно да влијае и на напорите да се смени сојузната регулација за социјални бенефиции или пак за нова тура кратење на даноците.

USA Washington Repräsentantenhaus (picture-alliance/AP/J. S. Applewhite)Контролата врз Конгресот менува сѐ?

На многу базично ниво, контролата на демократите врз Конгресот би го присилила Трамп да ја третира опозициската партија на многу поумерен начин отколку што тоа го правеше досега. Причина за тоа е што демократите ќе му требаат за да може да го зголеми нивото на задолжување на државата или пак за владата и натаму да остане отворена, што навидум се обични, но суштествени задачи за него. Иако ова наведува на заклучокот дека ќе биде нужна соработка со демократите, тоа сепак не мора да важи и за Трамп.

ПовеќеЕкономската политика на „пубертетлијата“ Трамп

Тој би можел уште повеќе да оди на курс на конфронтација во надеж дека против демократите прво ќе ја подбуцне базата, а потоа и народот. Ако тоа се случи, судејќи по досегашното однесување на Трамп, тоа би можело да предизвика уште потоксична политичка атмосфера од актуелната.

Попис

Настрана од исходот на трката за Конгресот во Вашингтон, резултатите од изборите за гувернерите се исто така клучни за претстојниот попис во 2020. година. Тој се спроведува на секои десет години и е основа за дефинирање на изборните единици.

Многумина тоа го сметаат за слаба страна на американскиот избирачки систем, но избирачите во многу држави суштински може да влијаат на гласањето во нивниот дистрикт во прилог на матичната партија. Според тоа, кој и да победи на изборот годинава одредува кој ќе влијае на гласањето во изборните единици на следните избори за четири години и понатаму.

DW

Слични содржини