Зошто шарената револуција во Србија нема да успее

„Врз Република Северна Македонија директно ќе има негативни последици ако, скраја да е, шарените дојдат на власт и Србија го признае протекторатот Косово и Метохија како суверена држава, ако се дезинтегрира Босна и Херцеговина односно се поништи Дејтонскиот договор и се анихилира Република Српска (скраја да е со некаква нова „олуја“)“

од Vladimir Zorba
373 прегледи

За да се сфати и точно интерпретира одредена реалност мора да се живее таа реалност – ја претпочитам таа методолошка премиса при општествено-политичките анализи. Единствено ако ја живееш реалноста можеш истата да ја сфатиш, преку секојдневно про-живување на сите аспекти на светот на животот – на пример, освен мицињата секој што живее во мициленд мора да ги доживее (и преживее) сите негативни трендови и орвеловско стравовладеење на партизираните институции на системот кои се претворени во слуги на режимот, диктатурата на мицковистичко дпмне, големоалбанските националисти од Влен и оние од Знам. Овој методолошки пристап во современата епистемологија е познат како PAR methodology и научно е посоодветен за да се сфати мициленд, повеќе отколку на пример пропагандата на режимот со статистистички бројки во кои некои од буџетските функционери на диктаторскиот режим зема по 150 000 денари месечна плата додека некои од нас, обичниот народ зема 30 000, а просекот е, нели, 90 000 денари месечна плата. Оттаму, ние што живееме во мициленд одвнатре ја знаеме и доживуваме бедата и безперспективноста на мициленд, квази-државата во која владее диктаторски режим. Консеквентно, (само) оние што живеат во Србија можат холистички да ја сфатат и точно интерпретираат нивната реалност. Меѓутоа, она што се случува таму во последните месеци има и допрва може да има големи негативни последици врз Балканот, а со самото тоа и кај нас. Уште повеќе, објективно постојат голем број на сличности помеѓу она што се случува таму и она што се случуваше овде пред 10-ина години, за време на таканаречената „шарена револуција“.

Добро се сеќавам на тие лоши времиња за државата Република Македонија (тогаш уште беше Македонија, откако „шарените“ победија го сменија името, денес сме Република Северна Македонија) и Македонскиот народ. Дури и релативно активно учествував во политичката и идеолошка битка против фамозните „шарени револуционери“ по ТВ дебати и весници, па затоа добро ги познавам, барем голем дел од нив, и можам да го скицирам моделот на нивниот светоглед, нивниот начин на мислење и политичко функционирање. И затоа ја забележав сличноста, а во определени димензии и целосно идентичниот модел на дејствување на шарената револуција денес во Србија, а пред 10-ина години кај нас. На дело, впрочем, е идентична матрица на мислење и дејствување, со минимални модификации во зависност од фактите на теренот – на пример, во Србија нема големи национални малцинства, додека овде некои беа инструментализирани во таа нивна шарена револуција која потоа не донесе ништо добро за државата и народот.

Од она што може екстерно да се дознае за Српската „шарена револуција“, на пример ако се гледаат емисиите и дебатите на нивните две радикално спротивставени телевизии – Информер на неповторливиот Драган Ј. Вучичевиќ и Н1 на (според доминантното јавно мислење) тајкунот Шолак, се повторува истото што беше во Македонија. Нема сомневање дека главен релевантен извор на информации и објективна проценка може да биде токму аргументацијата која низ овие две телевизии ги презентираат најважните тамошни политичките аналитичари –  едни за шарените, други против шарените (интересно, со некои од нив сум учествувал на повеќе дебати ширум Балканот, неколку беа токму за моделите на обоена/шарена револуција). Најбитни се следните неколку сличности, и разлики со нашата шарена револуција.

Прво, шарените револуционери се некохерентна збирштина на најразлични, често и директно спротивставени општествено-политички групи и движења односно НВО. Таму, како впрочем и овде, има(ше), да го цитирам поранешниот премиер Зоран Заев – „и шуто и рогато“. Неконзистентен конгломерат од различни, партикуларни интереси кои може да ги обедини единствено желбата за власт како власт. Ова е и емпириски верификувано – голем број од познатите ликови на шарената револуција кај нас, потоа, преку СДСМ на Заев дојдоа на власт, и многумина беа назначени за државни функционери, богато финансиски наградени во системот на власта. Додуше, откако на власт дојде мицковистичко дпмне изгледа се уплашија па нешто ги снема тие некогаш гласни и силни НВО, но веројатно пак ќе се активираат ако намирисаат пак, како политички мршојадци, можност за повторно седнување во дебелите фотељи на владата и министерствата.

Второ, шарените имаа(т) – тогаш во Македонија, денес во Србија – голема странска поддршка, од политичка до финансиска. Овде кај нас целта на уривање на тогашната легитимна и легална Влада беше промена на името заради интеграција на државата во НАТО. Таа работа се заврши, и оттогаш се чини дека моќните САД овде веќе немаат голем геополитички интерес. Таму во Србија очигледено станува збор за признавање на протекторатот Косово и Метохија како држава, укинување на Република Српска, некаква форма на автономија на Војводина и Санџак. Тоа, како и овде со двојазичноста и промената на името и историјата (Со преспанскиот договор потпишаа дека Александар Македонски е Грк, замислете!), е директно против највисоките национални и државни интереси.

Трето – и тука е главната причина зошто шарената револуција во Србија нема да успее – тогашната власт кај нас не дејствуваше согласно законите и Уставот, за разлика од легитимната и легална  власт во Србија денес. Бесконечните попуштања беа доживувани од страна на народот и посебно од шарените како знак на слабост и дополнително ги радикализираше односно  им даваше сила. На шега кажано, апси бре тоа све по закон и Устав – и се чини дека СНС и Вучиќ ја научија лекцијата од нашиот пример. Пржинскиот договор односно таканаречената Пржинска влада беше целосно антиуставна, и тоа барање на шарените во Србија не би требало да биде прифатено, бидејќи е отворена можност за понатамошно девастирање на законите и Уставот односно нормалниот политички дискурс и изборен процес.

И четврто – и ова е уште една причина зошто, според се, шарената револуција нема да успее во Србија – е што овде, за ралика од сега таму, имаше поврзување и инструментализација на шарените со голема политичка партија. Тогаш Заевото СДСМ  го искористи сето тоа што како некои апстрактни идеали и вредности ги имаа некои шарени, за изборна победа и негови-нивни, на СДСМ, интереси. Во Србија студентите веќе имаат своја изборна листа на која нема политички партии од тамошната политичка опозиција. Дури и започна директен судир помеѓу нив – политичката опозиција во Србија со анонимните студенти-блокадери и нивната листа – и таа конфронтација по повеќе линии сигурно ќе продолжи да се развива (на пример, не верувам дека искусниот Ѓилас ќе си дозволи да не кандидира своја партиска листа). Недостигот на политичко и секакво друго искуство и знаење кај тие од нивната студентско-блокадерска изборна листа ќе биде голема можност СНС демократски да ги победи на избори, бидејќи да бидеш ректор и новинар е едно, а да бидеш политичар е сосема друго.

Конечно, и овде и таму има(ше) еден куп шарени лаги, гебелсовско-ждановистичка пропаганда, нереални и контрадикторни ветувања од типот „како мали Џокица го замислува светот“ . Таму свирепата лага за наводна смрт на некое претепано дете-блокадер се чини дека е негативна кулминација на методите на шарените, и само силна држава – а тоа Србија несомнено е, за разлика од тогашна Македонија –  може да го издржи како имплозивна деструктивна стратегија против истата.

Се разбира, долгогодишната власт сама по себе носи и редица можности за злоупотреби, од корупција и недостаток на креативни идеи за развиток на државата, се до инертност на системот и успорување на реформите за доброто на народот. Меѓутоа, шарена револуција, згора и насилна – сцените на уличните напади на шарените кон полицијата и просториите на СНС се застрашувачки, посебно онаа во Нови Сад кога за малку ќе запалеа живи луѓе – не само што не е решение за доброто на народот и државата, туку токму спротивно. Како и овде, практично државата од суверена волја на народот ќе биде некаква форма на протекторат, политичка марионета на најразлични геополитички интереси кои сигурно ќе бидат спротивни на автентичните потреби и интереси на Српскиот народ. Инаку, лично, не дека нешто Вучиќ ми е симпатичен после вашарот во Врање (или беше Ниш, не се сеќавам), кога оној „нашион“ премиер го нарекуваше „Христијан“ и пиеше вино со него, а сомнителна е и таа оска на мицковистичко дпмне со него, Фицо и Орбан, но тоа е друга тема. Врз Република Северна Македонија директно ќе има негативни последици ако, скраја да е, шарените дојдат на власт и Србија го признае протекторатот Косово и Метохија како суверена држава, ако се дезинтегрира Босна и Херцеговина односно се поништи Дејтонскиот договор и се анихилира Република Српска (скраја да е со некаква нова „олуја“) итн. И затоа, повеќе на шега, мојата порака која на некои начини за жал е емпириски верификувана како факт одовде, од пред десетина години со нашите шарени  – апси по закон и Устав за да не те апсат после тебе, спротивно на закон и Устав.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини