Лицето кое пукаше во независниот кандидат за советник во општина Кичево, Алит Абази, доби 30-дневен притвор. 58 годишниот А.А. од кичевското село Горно Строгомиште, веднаш беше уапсен, а мотивите за нападот се уште не се познати.

 

„За мотивите сè уште се води истрага, не можеме да тврдиме дека се политички Гостиварското обвинителство изрече мерка притвор од 30 дена за главниот осомничен“, соопшти Јавното обвинителство.

Абази бил нападнат од зад грб, додека бил со шефот на неговиот изборен штаб, Дестан Абдиу кој исто беше мета на напаѓачот. Нападот се случи пред три дена, во центарот на Кичево.

Абази е се уште во критична состојба и се наоѓа на Одделот за интензивна нега на скопските клиники, додека Абдиу се очекува да биде пуштен на домашно лекување.