Прочистувањето на избирачкиот список е едно од првите и најпредизвикувачки прашања што треба да ги отвори работната група составена од претставници на четирите политичките партии со посредништво на белгискиот експерт Питер Ванхут,објави Алсат М.

most-540x279

И додека партиите ги разгледуваат опциите што ќе ги предложат, дел од упатените веќе излегоа со конкретни ставови. Според граѓанската асоцијација „Мост“, најдобриот начин за креирање најпрецизен избирачки список е активно регистрирање на гласачите. Според американската пракса, од „Мост“ предлагаат да се одреди разумен временски период во кој заинтересираните би можеле да се запишат на списокот за гласање.Запишувањето би се вршело со евидентирање на отпечатоци од прстите со што би се избегнале гласањата со двојни или тројни идентитети и документи, за што има сомнежи по објавувањето на прислушуваните разговори. „Ако дојде до активна регистрација, тоа би значело дека секој граѓанин кој сака да го оствари своето право на глас, треба да оди во едно од регионалните центри на ДИК кои се поставени во регионалните центри на Министерството за Правда, и со оставање биометриски отисок и покажување на документ за лична идентификација, да го регистрира своето име и презиме во избирачкиот список. Во таков случај, ДИК нема да зависи од податоците доставени од МВР, Управата за водење на матични книги и Државниот завод за статистика, туку тие сами ќе бидат креатори, модификатори и сопственици на избирачкиот список„, изјави за Алсат Дарко Алексов, „Мост“.

Од ДИК велат дека тие се подготвени за креирање избирачки список со претходно евидентирање на отпечатоци од прстите. Потпретседателот Субхи Јакупи вели дека отпечатоците може да се користат и за идентификување за време на гласањето, како замена за синото мастило кое беше укинато од Уставниот суд. „Бидејќи технологијата веќе е напредната во светот, мислам дека ако постои добра волја меѓу експертите и претставниците на политичките партии, може да се изнајде некаков компромис“, рече Субхи Јакупи, потпретседател на ДИК. ОБСЕ-ОДИХР, од друга страна, имаше препорачано теренска контрола на на избирачкиот список, главно преку контрола на проблематичните и сомнителни адреси и преку проверка на 10 до 20 илјади лица, репрезентативно од врата на врата.

И овој начин може да биде еден од предлозите на политичките партии во преговорите. Друго прашање што ќе биде разгледано во работната група ќе биде гласањето на дијаспората. „Мост“ смета дека гласањето на дијаспората треба да се укине барем за изборите во април, кои се сметаат за особено важни. Со сличен став е и потпретседателот на ДИК, Субхи Јакупи. „Неприфатливо е да имате пратеници избрани со 3-4 илјади или 1 илјада гласови, и тие да претставуваат избирачко тело кое е многу поголемо реално. Нееднаквоста на гласот мора да избалансира„, вели Алексов. „Јас мислам дека мора да биде тема на преговорите на работната група за измени и дополнувања на Изборниот законик, кои ќе го разгледаат прашањето со гласањето на дијаспората и мислам дека има голем простор за негово редуцирање“, изјави Субхи Јакупи, потпретседател на ДИК.

Неофицијално и ДУИ ја поддржува опцијата за укинување на трите места резервирани за пратеници од дијаспората. СДСМ бара за избор на еден пратеник од дијаспората да се постави цензус од потребни гласови. И ОБСЕ-ОДИХР по парламентарните избори во 2014 година побара повторно разгледување на постојниот систем поради нарушување на начелото на рамноправност на гласот. „Потребно е повторно разгледување на постојниот систем за поделба на мандатите во изборните единици надвор од земјата за да се биде сигурен дека секој пратеник претставува сличен број запишани гласачи и за да се почитува начелото на еднакво право на глас“, пишува во извештајот на ОБСЕ-ОДИХР. Работната група составена од претставници на четирите политичките партии, со посредништво на дипломатот Ванхут утре попладне треба да започне со работа. Избирачкиот список, гласањето на дијаспората, составот и ингеренциите на ДИК и другите теми поврзани со изборите ќе имаат приоритет на агендата.

За овие теми ќе биде консултирана и ДИК, додека граѓанскиот сектор исто така бара вклучување во функција на зголемувањето на довербата и транспарентноста околу процесот на подготовка на изборите.

Слични содржини