Теренот дефинтивно е разоран како кога во војната прво настапува артилериски оган, го преорува боиштето,  а потоа треба да доаѓа војската.  Во воен контекст тоа е топовското месо,  во денешен тоа сега е партиска војска. Славното и контроверзно ВМРО со додавката ДПМНЕ. Повторно влегува во контроверзата за која и каква Македонија се бори ?!

Драган АнтоновскиИспукана е цела канонада топовска артилерија, но тоа освен што го зашеметува вождот Груевски, за сега без и малку етичност и морал,тој  цели на другиот во стилот „Држте го крадецот!“.

После толку многу ислушани разговори јасно е и нема дилеми дека Царот е гол, дека веќе е дефиниран портретот на владетелот Груевски и неговите поданички министри и новинари. Нејасно е само како и кога сѐ тоа ќе го (с)вари граѓанинот.

Засега сме на позицијата на крајности, од фашисти до предавници, ирационалност и хаотичност каде што отсусутвуваат и нема простор за вредности, морал и етика.

Како и да е, за власта Скопје,  Битола, Куманово, Струмица, Прилеп,  по сѐ соопштено во прислушуваните разговори, јасно е дека веќе се изгубени градови и таму опозицијата на следните избори дефинитивно добива. Неспорно е  каде што се читаат порталите, и се игнорира помијата на телевизиите, опозицијата дефинитивно ќе го победи Груевски и неговата тајфа.

Онаму каде што пропагандната машинерија гази, а гладните усти на обичниот селанец ги чека земјоделските субвенции, ќе се гине за таа Македонијата – на ВМРО ДПМНЕ.

Сепак, ова не е врвот на  политичката  криза за Македонија. Треба да се дојде до врвот за да почне да се размислува за решавање.  Ако не бевме во лудилово и ќе беше доволно, но толку е сѐ збудалено, што ни требаат и „Монструм“ и ликвидација на новинарот… и уште крв за да се помести жабокречината на заспаната интелигенција и себичниот граѓанин кој се навикнал да се задоволува со малку.

Последната бомба е  криминалот и провизијата од 25 милиони евра. Да, точно така, 25 милиони евра од две зделки без тендери, како што вели Заев за премиерот Груевски и неговите послушници и извршители. А, колку тендери поминаа низ овие години?  Веројатно тоа е малку за најголемиот број на македончињата кои живеат со 100 до 250 евра по човек.

Сите ја чекаат  бомбата за името затоа што судството горе-долу како институција е девалвирано, заедно со обвинителството – тие се само извршители на  фамилијата.  Опозиционата СДСМ ги реди бомбите една по една под институциите за да докажат дека тие се нерелевантни за да решаваат за иднината  преку правна разрешница на случајот „Пуч“, и уште помалку да расудуваат што е „за“, а што е „против“ Македонија.

Бомбата која го докажа изборниот фалсификат во секоја демократска држава ќе предизвикаше барем кај некои пратеници морална одговорност да се повлечат и да си дадат оставка , несакајќи да бидат дел од нелегитимен парламент или Влада или која било институција, но тоа едноставно не постои во овие региони. Нема вредности, нема општество,  нема одговорност. Политиката е само пари  и многу пари, никогаш доста од ваквото практицирање на политиката од таквите евтини „политичари “.

Колку плацеви купил премиерот и тајфата во тој пакет и не е многу забавно затоа што нема политичар, особено премиер , претседател кој не си се обезбедил, но загрижувачки и монструозно е кога гледате како се смее и насладува на туѓата несреќа. Радост затоа што некој покорно те моли да не го уриваш (Космос), а ти велиш дека … „ тој сере од страв во гаќи и му течат гомната од ногавица“…што повеќе да кажеш за таков лик !?

Што да кажеш за неговите послушници од кои ниеден ни чекор назад  не направи да се откаже и јавно да обзнани „Јас не се согласувам со тоа  и не сакам да бидам во иста Влада, во иста партија, во иста коалиција со вас!“.

Не можеш да се криеш зад приказната за мали деца дека тоа се „странски служби“, па теорија на заговор…  кога тоа и воопшто не е важно.Битна е содржината на разговорот. Дека се точни разговорите индиректно потврдуваат самите тие, прво не им дозволуваат на сите  медиуми да ги објавуваат транскриптите ни разговорите, а МРТВ пак, јавниот сервис, целосно ја игнорира опзицијата и се вади дека тоа биле ПИМ/ посебни истражни мерки/  или  не смее да објавува заради насоките дадени од Јавното обвинителство, небаре главен и одговорен уредник им е Јавниот Обвинител , Марко Зврлевски .

Ако си прав зошто би  ги криел разговорите, нели? Ако се прави зошто Груевски и тајфата тргнаа на митинзите низ големите градови за да објаснуваат дека Заев лаже и снимките не се точни и се предавнички? Белким Груевски не носи народ на митинзи за да каже „не сум сам во ова и овие околу мене се такви и ме поддржуваат“. Белким нема тие Македонци да удрат врз другите Македонци.

Ако се прави и  сѐ тоа е невистина зошто формираа движење на полтрони на власта спакувани во некакво движење за  „одбрана за Македонија“ и во тој пакет од пропагандисти новинари, актери и историчари, спинуваат низ државата и ги прогласуваат за предавници на татковината сите оние кои различно размислуваат или критички се настроени кон ликот и делото на Груевски и фамилијата. Приказните со теорија на заговор од соседството дека сите ги мразат и сите се дрпаат за Македонија од Вашингтон до Москва, од Белград до Софија и Атина се оние истите од 1945 за простите  заостанати, неписмени или себични саможиви, новите „Сталинисти “ и тие кои фатиле некоја корка преку партиските вработувања,  и мислат дека тоа е сѐ и гледаат да не го загубат.

Вистинити се снимките од прислушуваните материјали кој и да е, кому и да ги подал, исто ко што е вистина дека најстраотното допрва доаѓа.

СДСМ за сега не покажува дека има друга резервна варијанта освен објавување и барање на преодна влада што е логично за нив, но не и за Груевски.

Тој освен што спарингува,  сѐ уште не го задал конкретниот силен контра-удар на опозицијата . Тоа може да биде вистинска војна , онаа улична  на партиските војници која катадневно се заговара – предавниците против предавниците или патриотите, како сакате, до институционална која преку приватизираните  институции ќе се обиде по кој знае кој пат, без докази  и словото на законот да го реши Заев и ја обезглави опозицијата.

Идејата да тргне во апсења изгледа се повеќе избледнува за  Груевски и браќата затоа што килавата меѓународна заедница  почнува да се буди и да забележува дека туку има случај.

И ќе спиеше Брисел уште долго ако веројатно америте не пуштија  информации за вмровското  намигнување кон Москва,  како пристојна бекап варијанта ако америте се запнат  на нивната демократија.

Политичката, а не правна разврска  на која инсистираат СДСМ и  Заев, не е најсигурно дека е добитната комбинација. Особено не ако утре Груевски излезе и каже парламентот се самораспушти , а тоа може да го направи со мнозинството во секое време. „Излезете на мегдан и да видиме за кого ќе гласа народот“, веројатно ќе се грмне Груевски преку ТВ мегафоните . Одговорот на Заев е познат: „Одете сами“. Освен ако меѓународната заедница  можеби не ги изавади сметките, или  ги покаже милионите или милијардите, а рековме парите најмногу ги дразнат  и народот  и политичарите.

Можеби тоа е  најголемата бомба која ја чека Македонија, или можеби следната бомба нема да биде малограѓански трач на актерите,  па ќе одекне толку силно што ќе  им ги отвори очите и ушите на сите или ќе урне сѐ живо и сѐ мртво.

……………………………….

Драган Антоновски ,Анализата е објавена  за агенцијата БГНЕС

 

Слични содржини