(Thirst, Svetla Tsotsorkova)

Филмот „Жед“ на бугарската режисерка Светла Цоцорокова е храбар кинематографски приказ, кој на специфичен филмски јазик ќе се обиде да ги расветли човековите примитивни страсти, скриени во секојдневието и баналноста на човековото суштествување.

CB_Thirst1_600

Низ естетско портретирање на моралниот код, се доловува амбиенталната матрица низ која се развиваат ликовите, изолирана на рид од бугарско село. Репетитивноста на животот, стагнација на карактерното градење, созревањето на ликовите е вешто исцртана метафорична  форма на режисерскиот израз, кој низ експлицитни контури ја скицира и соголовува човековата страст и беда.

Дејството се одвива низ животот на тричлено семејство, навидум хармонично, кое секојдневието го поминува во рурално опкружување. Мајката, таткото и шеснаесетгодишниот син, материјалната егзистенција ја обезбедуваат перејќи чаршафи за хотел, но недостатокот на вода ќе го направи неподнослив овој бизнис од каде се раѓа идејата за копање на сопствен довод. Најмуваат татко и неговата ќерка тинејџерка, да пронајдат вода, а од тука почнува и симболичниот развој на настаните затемелени во насловот на филмот „Жед“, кој на апстрактен начин не поврзува со желбите, перверзиите и копнежот.

Младата девојка ќе ги разбуди еротските нагони, сомнежите и стравовите во семјството  и по толку години поминати заедно ќе ги принуди на преиспитување. Ликот на тинејџерката не е вграден во класични рамки, туку на храбар начин, режисерката го носи овој карактер како движечка линија во нарацијата. Токму дрскоста, арогантниот однос и созревањето на девојката, ќе го донесат филмскиот прогрес, создавајќи алузија за девственоста, „чистината“ на бракот,  етичките норми вградени во традицијата кои се кршат од поривите и сексуалната градација. Растењето на младите е еден од главните акцентите на филмот, додека од друга страна возрасните се соочуваат со средовековна криза, сексуалниот порив и неверството. Самоистражувањето на ликовите ќе го засили филмското дејство, кое на експлицитен и вознемирувачки начин ќе ги донесе ликовите  на работ од распаѓањето. Ексцентричниот стил на режисерката нема да го поштеди гледачот од соочувањето со стравот од смртта, преку кој ќе ја наметна идејата за нова надеж која треба да се роди преку младите.

Филмот не е граден низ едноставните филмски принципи на линеарната нарација, туку на дисперзирнани дејства изградени на неколку нивоа. Почнувајќи од описот на природното опкружување, примитивниот однос на селаните, тегобиите на возрасните и дилемите на младите. Филмот изобилува со звучен израз автентичен за настаните и дејството.

Вештината на режисерот е обидот од едноставно естетско опкружување да интегрира специфична содржина, правејќи го филмот уникатно доживување, портретирано во широки кадри кои содржат импресионистички кинематографски елементи.

Филмот „Жед“ е автентичен филмски запис, со одлична актерска игра, карактеристичен за авангардната кинематографска сцена од 21 век. Гледачот има можност да се соочи со вистинска семејна драма, која вознемирува но истовремено носи вредносен систем на моралниот спектар.

Вероника Камчевска

Слични содржини