Британскиот министер за надворешни работи Филип Хамонд изјави во Лондон дека Велика Британија ќе се сротивстави на брзото раздвојување со ЕУ.

Неговата изјава претставува реакција на официјален Лондон на изјавите на неколкумина европски политичари и дипломати, дадени по соопштувањето на резултатот од референдумот, за забрзан „развод“ со Британците.

download

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер и претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц порачаа дека раздвојувањето на Велика Британија и ЕУ треба да почне „уште веднаш“ и да не се одолговлекува до на есен, а со такво мислење се појавија и десетина европски министри за надворешни работи.

Британскиот премиер на заминување Дејвид Камерон при соопштувањето на својата оставка во петокот наутро, рече дека процесот на извлекување и раздружување со ЕУ му го остава на својот наследник, идниот британски премиер кој треба да биде избран по есенската партиска конференција на Конзервативната партија, на која треба да се избере нов лидер.

Ваквата изјава на Камерон е спротивна од сите негови претходни уверувања дека доколку гласачите во Велика Британија се определат за Брегзит, тогаш процесот на раздружување ќе почне уште веднаш.

Министерот за финанси Џорџ Озборн, кој му остана лојален на Камерон и кој во кампањата агитираше за останување на земјата во ЕУ, претходно рече дека активирањето на член 50 од Лисабонската спогодба, со кој е уредена постапката за разделување, може да го иницира само Велика Британија, како и дека никој од надвор не може да и го наметне

– Процесот на повлекување ќе го започнеме тогаш кога Британија ќе биде подготвена за тоа, рече Озборн за британските медиуми, индиректно објаснувајќи ги причините за одолговлекувањето.

Станува збор за стравот во Лондон од уште потешките последици за британската економија и за нејзините финансии, доколку сега веднаш се почне со повлекувањето.

Велика Британија само во еден ден загуби 150 милијарди фунти, поради падот на берзата и на вредноста на фунтата и деградирањето на британската перспектива што ја направи „Мудис“ по изгласувањето на Брегзит. /МИА

Слични содржини