Левица ќе ги бојкотира изборите на 24 април, ако до нив се дојде во вакви услови. Во моментов нема услови за фер избори, затоа што нема изгледи да бидат исполнети три неопходни претпоставки, а тоа се прочистен избирачкиот список; елиминирање на партиските влијанија во медиумите и спречување на злоупотребите на јавната администрација и јавните финансии за предизборен маркетинг.26765golema

„Ако се одржат избори во април, режимот ќе ги добие и нив, исто како што ги добиваше сите претходни, што може да претставува вовед во отворена диктатура. Левица нема да биде дел од такви мрачни сценарија“, велат од Левицата.

Членовите на Левица велат дека биле и остануваат против договорот од Пржино.

„Цело време истакнувавме дека тој нема да резултира во фер избори. Постојано потенциравме дека договорот е скроен на таков начин што ќе му овозможи на режимот да остане на власт, преку разни опструкции. Имајќи предвид дека до него се дојде на недемократски, неинклузивен и нетранспарентен начин, не сме изненадени од ваквиот развој на настаните. Договорот од Пржино всушност го отсликува држењето во заложништво на државата од страна на четирите партии потписнички. Оваа ситуација е резултат на старата политика, која е затворена, нетранспарентна и водена од лични и теснопартиски интереси, а не од желбата да им се служи на граѓаните“велат од Левицата.

Од таму ја најавуваат потребата од нова политика, политика која тргнува од интересите на народот, која сака да го слушне неговиот глас, која не е калкулантска, туку е бескомпромисна, политика која е водена од принципи и идеали.

„ Амбицијата на Левица е да биде носител на оваа нова политика. Затоа, ние во наредниот период ќе продолжиме да работиме, преку практикување на ваквата политика на дело. Наместо да молчиме и да ја трпиме неправдата и тиранијата, ќе градиме вистинска алтернатива, рака под рака со обесправените, користејќи ги сите средства за борба“, велат од таму.

Слични содржини