Уште од самото отворање на фронтот за борба против лошите реформи на Законот за високо образование, прогресивната младина се одважи со досега невидена енергичност и сплотеност во своите барања. Цела седмица откако студентите храбро и одлучно прогласија своја Автономна зона на факултетите, ноќеваа на подовите низ факултетските простории и се хранеа од поддршката на граѓаните, тие продолжуваат решително да ја освојуваат својата правда. Локално во Автономна зона, за студентското будење поразговара со Ана Нешовска од Студентскиот пленум.

spie studentka

По повеќемесечна борба, три марша, игнорирање, па забележување од Владата, “преговори“, усвојувања и одложувања на законот, и веќе едно-неделна “окупација“ на Универзитетот: се сменија ли барањата на Студентскиот пленум? Што извојувавте, а што треба да биде освоено?

NesovskaПрвиот чекор од првото барање е исполнет, односно законот доби одложно дејство од една година. Тоа значи дека имаме рок од една година да изработиме и да се донесе нов Закон за високо образование. Процесот на изработка мора да биде инклузивен, транспарентен и легитимен.

Новиот Закон за високо образование мора да ги штити и застапува интересите на сите засегнати страни со тој закон, и мора да се фокусира на квалитетот, а не на квантитетот на образованието. Барањата на пленумот не се сведуваат на формално носење на нов закон, туку на материјално, суштинско менување на условите во кои функционира македонскиот студент.

Борбата на Студентскиот пленум започна како борба против една формална одлука на Владата, но со омасовувањето на движењето, бидејќи Студентскиот пленум ги слуша барањата на студентите, борбата се издигна на едно друго ниво, односно стана борба за подигнување на студентската свест, студентскиот активизам и студентската инклузивност. Секој студент треба да сфати дека тој може и мора да ги застапува своите интереси.

Зошто по конечното седнување на маса со Премиерот, сепак, заклучивте дека е неопходно да се преземе порадикален чекор и прогласување на автономна зона?

Студентскиот пленум извојува победа. После првиот марш законот доби одложно дејство од 2 години. На таа средба со Премиерот, лошите реформи во високото образование се одложија уште за една година. Читаме и слушаме наоколу тривијализација на нашиот ангажман, при што губиме драгоцено време од нашите студии и приватен живот,  со тезата дека ние сме се бореле за неколку таму испити. Не! Ние се бориме за автономијата за универзитетот, против лошите неприменливи законски решенија, и за квалитетно образование. Можам да ви гарантирам дека ние не сме таму некои лоши студенти на кои не им се учи, нема што да прават, па “бегаат од часови“. Нашата кауза е чиста како солза, нашата искреност е беспрекорна, нашите цели се оправдани и достижни.

plenumci2

Да одговорам на прашањето- Пленумот реши, на генерално заседавање, дека окупацијата е моментално вистинската форма за продолжување на борбата затоа што со потезите со кои претходно се соочивме неминовно се наметна заклучокот дека не можеме да имаме доверба. Да не забораваме, на 10 декември се случи марш на кој присуствуваа 10.000 луѓе, кои беа одлучно и непоколебливо игнорирани. Бевме заокружувани, денунцирани и омаловажувани.

Ова треба да е лекција не само за оваа власт. Туку и за сите други во иднина. Да се разбереме, ние сме непоколебливи во намерата да реагираме против било кој, или било која власт, што ќе посегне по автономијата на Универзитетот. Конечно тој треба да е лулка на креативноста и слободарскиот дух. Тоа е, да се изразам со помодарски политички речник, нашата црвена линија.

Во моментов главната концентрација на отпор се Филозофскиот/Филолошки факултет и зградите на Техничкиот Факултет во Скопје. Вчера беше ослободен и УКЛО во Битола. Каков е планот? Ќе се шири ли автономната зона?

Окупацијата за ослободување, или враќање на автономијата, сама по себе како настан е динамична и флуидна. Формата и степенот на окупација постојано се приспособуваат на моменталните случувања. Не можам да дадам конечен одговор на ова прашање, бидејќи одлуките се носат во од, но темелно.

avtonnomn

Студентскиот Пленум од Битола се соочи со контра-студенти кои „сакаат да учат“. Ова е првпат за време на вашата борба да се појави ваква формација. Истовремено студентите од Штип, пак, ја изразија поддршката скриени зад транспарентите, плашејќи се од последиците по нивното протестирање. Автентични ли се овие контра-групации, постојат ли такви поделби и во Скопје, и оправдан ли е стравот?

Според моите сознанија вакви контра – групации не постојат. Се разбира, јас не секогаш би ја окарактеризирала оваа појава како контра – групација. Желбата за слушање предавања ја сметам за легитимна. Ние сме полни со разбирање. Но, не можам да разберам, зошто тие студенти не можат да сфатат дека има поголеми каузи од оценките, а тоа се квалитет и автономија. А, можам да бидам и иронична па да речам, ние се бориме и за нив, но ако сакаат нека полагаат екстерно, на некои таму милион прашања од некаков базен. Тоа е навистина лоша идеја за испит кој не докажува ништо.

studenti7-1200x798

Или пак прашање во случајов е и зошто овие студенти никогаш не дошле да зборуваат со нивните колеги, односно никогаш не ги изразиле своите желби и ставови кон Студентскиот пленум.

Веќе една цела седмица преноќувате во Филозофскиот факултет. Што донесе оваа недела за Студентскиот пленум? Зголемување или опаѓање на ентузијазмот? Расте ли поддршката, како и решителноста, сега кога притисокот е сè поголем, како однадвор, така и одвнатре?

Жива материја. Ние имаме формат на директна демократија. Нешто како што одлучува Советот на ЕУ. Се бара консензус од сите присутни, па биле тоа и 30 луѓе. А, и составот не секогаш е ист. Тешко е тоа, но успеваме. Замислете да седнете заедно 30 луѓе и да им речете – мора да одлучите дали вечерва ќе се излегува во Балет или во Маракана. Ќе се “заколат“ меѓу себе, а најверојатно и нема да се договорат. Е, а ние одлучуваме за “малку“ поважни прашања. Затоа можеби има впечаток дека има дисонатни тонови. Има да, тоа е и добро, но заедно сме мотор кој вози во еден правец, локомотива која оди 300 на саат на ист колосек.

10987740_1597593873804229_7174441703821707458_n

Јавноста вели дека донесовте пролет во сивилото. Чувствувате ли одговорност поради добиената херојска титула? Какво е чувството на будење од долгиот сон кој ја тресеше, би рекле не само младината, туку целата нација? Тешко ли е да се “избоксувате“ против сите напади за скриени партиски цели кои се во корист на политичките елити?

Ќе бидам неискрена ако речам дека не ни годат комплиментите. Но, истовремено тоа е и голем товар. Чувството е добро, меѓу два маратонски состаноци. Добро е кога ќе видам студент кој гордо го носи беџот „кујна“ или „редар“. Тој е можеби иден атомски физичар, но сега знае дека е дел од една добра енергија. Политичките партии треба да нè остават на мира, или да нè поддржат искрено, и да сфатат дека оваа енергија е бесценета.  Да се разбереме, знаеме ние дека партиското организирање е најлегитимна форма на организирање, дека без нив не може да постои демократски систем. Во ова политичко миље тешко е да докажеш дека ние сме автентичен, суперграѓански, мултиконфесионален,  мегакултурен вортекс кој има потенцијал да ги извлече и врзе околу себе добрите енергии и да креира синергија за сите. Тоа се гледа на свирките на Филозофски, на сликарските колонии, може да се види меѓу две партии шах или во симболиката пренесена преку донираните ќебиња или домашни месени пити.spienje

До кога ќе трае окупацијата? Имате ли сила за завршување на борбата и подготвени ли сте на ризикот од изгубени години и пропаднати семестри?

Хм. До кога ќе трае. Планот е да трае додека не се остварат нашите барања. Сила има, желба има. Ќе видиме. Ризикот за семестрите е голем, но студентите засега добро се носат со тоа. Ќе надокнадиме…

 Ја добивате ли потребната поддршка од граѓаните? Кој облик на поддршка ви е најпотребен и какви донации би ви биле од корист?

Донациите ги гледаме како неопходност, но повеќе како симбол. Им благодариме на сите кои нè поддржаа. Бесценет потстрек е секоја испратена насмевка, секој поглед со одобрување, секој мал статус или твит, секоја крофна донесена со радост. Најдрагоцена донација за нас би била ако престанат шиканирањата, а се прошири довербата дека сме искрени во намерата да се подобри нашата татковина.

Фото:Студентски пленум

Автор: Ф.А.

Слични содржини