Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски денеска по средбата меѓу МОН и средношколците апелираше родителите да влијаат децата да се вратат на настава.

11156808_747287958722424_1809758794_n-540x324

Средбата, како што рече, иако била со нелегитимни претставници на средношколците, е поради грижа за нивната безбедност по одлуката од денеска да кампуваат спроти Министерството за образование и наука.

„Денеска ги примаме затоа што се одлучија да штрајкуваат со шатори пред МОН. Се доведуваат самите себе во небезбедна ситуација. На што ќе личи тоа тие цела ноќ да седат тука. Тоа е причината зошто ги примивме денес. Инаку, основните претпоставки и понатаму важат,“ изјави Пешевски, одговарајќи на новинарски прашања.

Ги повика родителите да побараат од своите деца да престанат со бојкотот бидејќи, како што рече, во крајна линија тие се најголеми губитници, со оглед дека веќе 12-ти ден голем број од децата не посетуваат настава и е пропуштен е доста материјал. „Нам навистина ни е во интерес образованието да продолжи, да завршат матурските испити и да им се овозможи на оние деца коишто сакаат да го продолжат образованието да се запишат на факултет.“

„Не би сакале децата да бидат предмет на манипулација, не би сакале со нив да се служи некој за едноставно да добие политички поени, но еве ние ќе ги ислушаме денеска, ќе видиме што се нивните барања, ќе размислиме во наредниот период дали дел од тоа држи вода што се вели и доколку има некаков простор ќе размислиме како и што понатаму. Но, сепак, сакам да кажам дека интересот на државата, интересот на Владата е да се продолжи со реформите бидејќи во крајна цел тие се најмногу и најмногу во интерес на децата,“ рече Пешевски.
„Ќе настојуваме,“ додаде, „доколку има простор и доколку има логика во тие барања ако оцениме да излеземе со некакви нови предлози, но сепак Влада досега покажа доволно флексибилност.“

„Да бидеме свесни, секаква флексибилност во овој момент во суштина оди на штета на учениците за нивниот образовен процес. И ако покажеме флексибилност тоа е само за да се задржи безбедноста на децата, едноставно да се вратат во училиштата,“ наведе Пешевски.

Слични содржини