На денешен ден  14 февруари 

км

869.- Во Рим умре Константин, познат под името Кирил Солунски, еден од творците на првата словенска азбука. Тој и неговиот постар брат Методиј, двајцата родени во Солун, преведуваа библиски текстови и книги од грчки јазик на дијалектот на солунските Македонци. Творците на првата словенска азбука, Кирил и Методиј, водеа жестока борба против застапниците на тезата дека постојат само три “светски јазици” кои можат да се употребуваат при вршење на верските обреди: хебрејскиот, грчкиот и латинскиот. Роден е во 826 (827) година.

1400.- Под мистериозни околности и во затвор во замокот Понтефракт умре англискиот крал Ричард Втори, кој во 1399 година го собори роднината Хенри Болингброк прогласувајќи се за крал Хенри Четврти. На престолот дојде на 10-годишна возраст наследувајќи го дедо му Едвард Трети, а во текот на владеењето од 1377 година беше принуден од незадоволниот висок сталеж грчевито да ги брани прерогативите на кралските власти.

1468.- Умре Јоханес Гутенберг, пронаоѓач на техниката за печатење со подвижни букви. Ја усоврши печатарската машина и прв почна да користи излеани метални букви. Во 1455 година ја отпечати “Библијата”. Роден е околу 1400 година.

1663.- Канада стана француска колонија.

1779.- Загина Џемс Кук, англиски поморски истражувач, познат како капетан Кук. Го откри источниот брег на Австралија, многу острови во Јужен Пацифик и прв ги обиколи бреговите на Алјаска. Роден е на 28 октомври 1728 година.

1797.- Британската флота под команда на адмиралот Џон Џервис и Хорејс Нелсон ја победи шпанската армада кај `ртот Сент Винсент на крајниот југ на Португалија.

1893.- САД ги анектираа Хаваи.

1899.- Вo Сушак е роден Ловро Матачиќ, хрватски диригент, композитор и оперски режисер, уметник со светско реноме. Почетокот на Операта на Македонскиот народен театар е тесно врзан со името на овој светски музички великан. Умре во Загреб, на 5 јануари 1985 година.

1929.- Се случи „Масакр на денот Свети Валентаин“ кога член на Ал Капоневата криминална банда уби седум гангстери од бандата на Багс Морано во една чикашка гаража.

1943.- Советската армија во Втората светска војна го ослободи Ростов, од каде ги исфрли германските окупатори.

1943.- Во селото Русиново умре Никола Петров Русински, еден од истакнатите личности на националната историја на македонскиот народ, социјалист и револуционер, близок соработник на Гоце Делчев, Васил Главинов и на други истакнати македонски револуционери. Автор е на книгата “Прилог кон историјата на Внатрешната македонско одринска револуционерна организација”. Роден е во селото Русиново, на 21 ноември 1875 година.

1946.- На американскиот универзитет Пенсилванија почна да работи електронски мозок, односно сметач, кој е означен со скратеницата ENIAC (Електронски нумерички интегратор и сметач).

1956.- Во Москва почна Дваесеттиот конгрес на КПСС, на кој Никита Хрушчов поднесе реферат во кој го осуди култот на личноста на Сталин и скршнувањето на Сталин.

1958.- Објавено е обединувањето на кралствата Ирак и Јордан во Арапска Федерација, под водство на ирачкиот крал Фејсал Втори, роднина на јорданскиот монарх Хусеин, како шеф на државата. Монархијата во Ирак е соборена во јули 1958 година, а кога кралот беше убиен федeрацијата се распадна.

1972.- Советскиот вселенски брод “Луна 20” се упати кон Месечината. По 11 денови престој, на Земјата донесе примероци од површината на Месечината.

1977.- Во Рогошка Слатина, во Словенија, несреќно го загуби животот Иван (Диме) Мазов – Климе, македонски писател, револуционер, борец во НОВ на Македонија, театарски критичар и новинар. Познати се неговите прозни дела „Додека топовите пукаат“ и „По трагите на Евлија Челебија“. Роден е во Кавадарци, на 7 јануари 1923 година.

1989.- Иранскиот верски водач ајатолахот Рухолах Хомеини се изјасни за смртна казна на англискиот писател од индиско потекло Салман Рушди, автор на „Сатански стихови“, оценувајќи дека со тоа дело авторот го скрнави исламот.

1993.- Десничарскиот лидер на кипарските Грци Глафкос Клеридис на изборите го победи дотогашниот претседател Јоргос Василију.

1995.- Властите во Перу соопштија дека го зазеле последното упориште на еквадорската војска на својата територија и прогласија едностран прекин на огнот во 19-дневната војна со Еквадор.

1996.- Република Македонија и Република Бангладеш воспоставија дипломатски односи на амбасадорско ниво.

2001.- Во Скопје, во населбата Тафталиџе, е отворена Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мала Богородица“ на „Систина медикал“, прва приватна гинеколошка болница во Република Македонија.

2004.- Во московски забавен аквапарк падна стаклен покрив и усмрти 25 луѓе.

2005.- Поранешниот премиер на Либан Рафик ал Харири загина во експлозија на автомобил-бомба во трговски центар во центарот на Бејрут, а одговорноста за атентатот ја презеде непознатата исламска „Група за победа и света војна на Левант“.

2005.- Во пожар во џамија во центарот на Техеран животот го загубија 59 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

2007.- Во сударот на јеменската армија и шиитските бунтовници, во јужниот дел на Јемен, загинаа најмалку 93 регуларни војници и бунтовници. Шиитските герилци, стационирани во провинцијата Сада, која е одалечена околу 230 километри од јеменската престолнина и граничи со Саудиска Арабија,  ги предводи Абдул Малик Ал Хути, син на познатиот шиитски свештеник Бадрудин Ал Хути, и брат на основачот на оваа герилиска формација Хусеин (убиен во 2004 година).

2015.- Во Кавадарци почина македонскиот ликовен уметник Ристо Соколов Сокол. Заврши средно уметничко училиште и Факултет за ликовни уметности во Скопје, отсек графика во класата на проф. Димитар Малиданов и графички дизајн во класата на проф. Костадин Танчев Динка. Последната негова изложба насловена како „Ретро Арт – Нови моменти“ (12 декември 2014 – 12 јануари 2015, Музеј Галерија Кавадарци) ќе остане запаметена како една од најпосетуваните во историјата на ликовната уметност во Кавадарци. Ристо Соколов Сокол е роден на 16 април 1957 година, во село Дреново, Кавадарци.

2015.- На 65-годишна возраст почина директорот на Државниот архив на Република Македонија, д-р Зоран Тодоровски. Дипломирал (1972), магистрирал (1989) и докторирал (1995) во Скопје. Работел во Републичкиот комитет за култура 1975-1990 година како советник за споменици на културата и музејска дејност и во Институтот за национална историја во Одделението за историја на македон­­скиот народ (1913-1941), како асистент, научен сора­бот­ник, виш научен соработник и научен со­вет­ник (1990-2003). Тодоровски во ИНИ бил професор по предметот „Историја на Македонија 1913-1941 го­дина“. Автор е на бројни публикувани историски трудови и зборници на документи. Значајни се неговите трудови посветени на ВМРО 1918-1924-1934 година, на македонското прашање во бугарскиот парламент, за ис­то­рис­ки личности како што се Крсте Мисирков, Тодор Александров, Вла­дис­лав Ковачев, Петар Шанданов, Тодор Поп Антов и други. Зоран Тодоровски беше именуван за директор на Државниот архив на Република Македонија и раководел со Ар­хи­вот во периодот 1999-2002 година и од 2006 година до неговата смрт. Тој беше претседател на  научно-културните средби „Десет дена Кру­шев­ска Република“. Роден е на 3 март 1950 година во Скопје.

Избор МИА

Слични содржини