Претставничката на ОБСЕ за слободата на медиумите, Дуња Мијатовиќ ги повика властите во Македонија веднаш да го истражат случајот со смртната закана кон уредникот на НОВА, Борјан Јовановски.

– Овој ужасен чин е дел и од онака кревката ситуација со слободата на медиумите во земјата и испраќа уште една порака дека “критичките гласови треба да бидат замолчени“. Ваквите работи се неприфатливи во едно демократско општество, вели Мијатовиќ.

Dunja_Mijatovic

Во семејната куќа на Борјан Јовановски синоќа беше доставен венец со порака “Последен поздрав“, а заканата веднаш беше пријавена во полиција.

Мијатовиќ забележува дека партијата ВМРО ДПМНЕ, Новинарскиот пленум, Македонскиот институт за медиуми, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и ЗНМ и МАН го осудија инцидентот јавно.

„Ги повикувам властите да започнат итна и темелна истрага. Години наназад Јовановски беше изложен на закани за неговото критичко известување“, рече Мијатовиќ. „Властите треба да покажат дека не може да се помине неказнето за такви дела, и треба да почнат со целосна истрага за смртната закана и да ги изведат сторителите пред лицето на правдата“.

Слични содржини