Руси водат воените дејствија во Сирија, соопшти телевизијата “Фокс њуз”, цитирајќи извори од Пентагон.

“Русите веќе не советуваат, туку учествуваат во водењето на војната во Сирија”, рекол извор од разузнавањето на САД. Руското воено присуство се зголемило значително во Сирија ден по тајна средба меѓу претседателот Владимир Путин и иранскиот генерал Касем Сулејмани во Москва. Тој командува со единицата “Ал Кудс” на гардата на Исламската револуција, одговорна за прекуграничните операции.

kasim-suleymani-kimdir

 

Според американското разузнавање во Сирија се наоѓаат најмалку 1.000 руски војници. Москва испорачува во Сирија по море оклопни возила, тенкови, хеликоптери, беспилотни летала за разузнавање и др. Според израелските медиуми стотици војници на “Ал Кудс” неодамна исто влегле во Сирија, за да помогнат во зачувувањето на режимот на претседателот Башар Асад.

“Германија и другите западноевропски сили треба да работат со Русија и САД за решавање на конфликтот во Сирија”, изјави канцеларката Ангела Меркел. Министерот за надворешни работи на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер изјави дека видел зголемена поддршка за создавање на меѓународна контакт група за решавање на сирискиот конфликт на средбата во Берлин со своите колеги од Русија, Франција и Украина. “Русија ќе продолжи да обезбедува воено-техничка помош на сириското државно раководство во борбата против тероризмот”, рече рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Тој додаде дека Москва има информации дека САД знаат конкретни места, каде што се наоѓаат позиции на “Исламска држава”, но не даваат заповед за нанесување на удари.

“Во Кремљ го сметаат за недопустливо на Сиријците да им се наметнуваат однадвор патиштата за развој на нивната земја – таков е ставот на Русија за решавање на сирискиот конфликт.” Тоа го потсети прес секретарот на рускиот претседател Дмитриј Песков во коментар на изјавата на американскиот претседател Барак Обама, дека стратегијата на Москва во Сирија е погрешна.

Во меѓувреме, поранешниот романски претседател Трајан Басеску изјави дека Романија е обврзана да поддржи евентуална интервенција на НАТО во Сирија. “Пред да испратиме НАТО војници во Сирија, јас би дал оружје на сириската армија тие сами да ја прочистат сопствената територија. Ви гарантирам дека таа е способна да ја прочисти територијата на земјата во рамките на една година “, рече Басеску.

Белгија е подготвена да испрати копнени сили во Сирија во рамките на меѓународната коалиција за борба против “Исламска држава”. “Не сакаме да играме Рамбо, но по потреба сме подготвени да испратиме војници и во Сирија”, рече министерот за одбрана на Белгија Стив Вандепут.

Слични содржини