Студентски Пленум изразува силно незадоволство од непрофесионалниот одговор на министерот за внатрешни работи Митко Чавков во поглед на упадот на специјалните полициски сили во просториите на СПУКМ и бруталното исфрлање на студентите кои мирно протестираа.

Би сакале да истакнеме неколку работи кои сметаме дека се од круцијално значење за јавноста:

studentski-plenum1

1. Министерот сеуште не даде одговор за ПРАВНИОТ ОСНОВ на ангажирањето на специјалната полициска единица за брзо распоредување(ЕБР). Која беше заканата? Кој ја изврши безбедносната проценка? Кој ја даде наредбата?

2. Судир помеѓу студентите немаше, имаше обид за спречување на кривично дело кражба на избирачки кутии и избирачки материјал кое беше пријавено во МВР, но полицијата не реагираше на нашите пријави, ниту пак постојат записници од нашите пријави. Го прашуваме министерот Чавков што треба граѓанин на Република Македонија да стори за да кога пријавува кривично дело, полицијата реагира? Изјавите дека полицијата сакала да ги заштити студентите, без разлика од која страна доаѓаат, се во најмала рака популистички и го повикуваме министерот да ги погледне уште еднаш снимките од исфрлањето на студентите, бидејќи тие ќе го демантираат во однос на неговите тврдења.

3. Министерот исто така тврдеше дека немало прекумерна употреба на сила и дека полициските службеници постапиле согласно законските прописи. Тука повторно го повикуваме министерот да ги погледне снимките. Дали студенти седнати на земја во летна облека насилно влечени, шутирани, удирани, пцуени и навредувани говори за постапување во согласност со законските прописи на Р.М?

За крај, прашуваме дали ЕБР и МВР се приватна сопственост на одредени граѓани и лично обезбедување на таканаречениот Претседател на СПУКМ Кирил Спироски или на новоизбраниот Претседател Давор Поповски, кој ЕБР и МВР го избраа?

Министре, Вие, имате лична, политичка и кривична одговорност за случувањата во Министерството за внатрешни работи. Должност Ваша, како и на секој припадник на полицијата е да ги штити Уставот, законите и правата на граѓаните на Република Македонија. Наместо празни популистички изјави, Ве повикуваме, да смогнете храброст и сила и да одговорите на безброј прашања кои ги имаат студентите.

Иднината не заслужува да биде газена од полициски единици бидејќи барала и се борела за правда, особено не, ако барала помош од полицијата. Ние на 30.06 ја вршевме Вашата работа и работата на Министерството за внатрешни работи. Повторно би го сториле истото, доколку се случува криминал на УКИМ.

Воедно ја известуваме и јавноста и МВР дека студентите од Студентски Пленум ќе ги превземат сите правни механизми кои им стојат на располагање за да ја истераат правдата.

НЕМА ПРАВДА НЕМА МИР!

‪#‎ПоздравПленумци‬
‪#‎ИзбориСПУКМ‬

Слични содржини