Инцидент денес се случи во партиските простории за кои од Алијанса на Албанците тврдат дека се нивни, а се сместени во зградата на општина Струга. Работници кои ги повикала општината го пробиле влезот, при што има и оштетувања. Од Алијанса тврдат дека ова е обид на локалната власт на чело со Рамиз Мерко од ДУИ да им ја одземат канцеларијата и да ги исфрлат на улица. Во меѓувреме дојде и Мерко, па настана вербална расправија со партиските активисти на Алијансата, јави Алсат М

„Се случи тоа што гледате. Една структура на криминален начин влезе во просториите. Ова е не прв пат,ова е втор пат. Првиот пат беше кога истите структури раководеа со општината. Но, тогаш со судска процедура и со времена мерка го добивме спорот и ние сме корисници на овие простории. Сега повторно се обидуваат без никакво предупредување влегуваат во просториите. Ова нема да заврши тука, туку ќе се видиме на суд“, рече Сурија Рушити- пратеник на Алијанса на албанците од Струга.

Но, градоначалникот тврди дека тоа не биле простории на Алијансата, туку на ДПА.

„Отварањето на просториите е резултат на еден претходен договор од пред петнаесеттина години бидејќи нив ги користела ДПА. Нема зошто Алијансата да се буни, кога тие не се наследници на ДПА. ДПА долго време не ги користи овие простории и јас во договор со секретарот на ДПА и тоа писмено, тие ни ги отстапија овие простории на користење на општината без надомест, тие се општински простории“, рече Рамиз Мерко- градоначалник на Струга.

За време не тензиите имаше и видливо полициско обезбедување, а во еден момент се појави и претседателот на Алијансата, Зијадин Села, но не сакаше ништо да коментира./Алсат М

Слични содржини