Магистралниот пат Тетово – Јажинце сè уште е непрооден поради големите наноси од камења и од земја, што ги донесе Поројска Река, во големотo невреме што го зафати Тетовско. Возилата се пренасочуваат по селскиот пат во Порој, каде се препорачува да се вози внимателно поради оштетените мостови.

nevreme-tetovo.jpg

Од секторот за патишта при Општина Тетово, велат дека магистралниот пат ќе биде расчистен во текот на утрешниот ден, но сè уште не може да се користи за возење, сè додека не се реконструира речното корито на Поројска Река.

– Коритото на Поројска Река, која поминува и под магистралниот пат, е уништено. Мора најпрвин коритото да го реконструираме, за да може реката да тече во правилен тек – вели Хусеин Демири, раководител на секторот за патишта при Општина Тетово.

Најпогодените села, Шипковица и Голема Речица, сè уште немаат вода за пиење.

– Постепено се расчистуваат урнатините од селата од тетовскиот регион кои ги донесе навремето. Голем проблем е што сè уште во селата Голема Речица и Шипковица нема вода. Таму водоводните ситеми се премногу оштетени, ќе треба да помине подолго време за да се поправат – изјави градоначалничката Теута Арифи.

Потрагата по шестгодишната Дрита Амети од Шипковица, која исчезна по големото невреме, сè уште трае. Синоќа во близина на наплатната рампа Тетово-Гостивар, во местото Бродиште, беше пронајдено мртвото тело на 61-годишниот жител на село Лисец, по кого се трагаше четири дена, откако беше пријавен за исчезнат по временската непогода што го парализира тетовскиот регион.

 

МЕТА

Слични содржини