„Тврдина на шини“: Возот кој допатувал до Југославија е омиленото превозно средство на Ким Јонг Ун

од desk2

Познатиот приватен и вооружен зелен воз на семејството Ким наводно ја напуштил Северна Кореја и со него Ким Јонг Ун пристигнал на посета во Пекинг.

И додека светот ја чека службената потврда на овие информации, доколку лидерот на Северна Кореја навистина пристигнал во Кина, тоа ќе биде прв пат овој воз да ги има напуштено границите на Северна Кореја откако Ким Јонг Ун застана на чело на државата во 2011-та година.

Имено, овој луксузен и модерен воз е во сопственост на неговото семјество веќе со децении. Возот бил омилено средство на Ким Јонг Ил затоа што се плашел да лета со авион, а и Ким Јонг Ун од истите причини го користи возот – затоа што паранојата дека би можел да биде убиен е преголема.

Овој воз за прв пат го користел Ким Ил Сунг и му бил главен штаб за време на Корејската војна. Тој изградил и низа на безбедни куќи ширум земјата кои што се наоѓале во близина на железничките станци, а до 19 такви куќи пристапот бил овозможен исклучиво со воз.

Возот е тешко вооружен, а во 2009-та година кружеа гласини дека лидерот на Северна Кореја користи флота од шест приватни возови со околу 90 луксузни вагони. Секој вооружен воз има модерна технологија за комуникација преку која што Ким може да издава наредби и да следи се што се случува во земјата додека се наоѓа на патување.

Безбедносните мерки биле посебно засилени после експлозијата која што се случила на дел од пругата на која што возот поминуал во 2009-та година во близина на кинеската граница. Тогаш кружеа гласини дека можеби некој планирал да изврши атентат над Ким Јонг Ил.

Овој воз достигнува брзина од максимални 60 километри на час, а најчесто има група од три возови. Првиот е „извиднички“ и негова задача е да ја провери безбедносната состојба на и околу пругата. Во вториот најчесто се наоѓа лидерот и тој доаѓа од 20 минути до еден час после првиот воз, а во третиот воз патуваат членовите на делегацијата, како и останатата комуникациска опрема.

Севернокорејските лидери возот го користеле најчесто за патување во Кина. Најдолгиот пат со воз бил во 1984-та година кога Ким Ил Сунг тргнал на патување и ја посетил секоја социјалистичка земја во Источна Европа меѓу кои, секако и поранешната заедничка држава Југославија.

Животот во специјалниот воз на Северна Кореја е многу луксузен, а освен луксузното внатрешно уредување, патниците можат да уживаат во бројни деликатеси, од најскапа храна, до најскапи вина.

Слични содржини