Материјалите од прислушувањето и содржините од него се надлежност на Специјалниот јавен обвинител. Тој е единствениот кој во независна и непристрасна постапка, ослободен од рацете на Никола Груевски може да донесе одлуки во коишто ќе верува јавноста во Македонија.

Се покажа непрофесионалноста на Марко Зврлески кој е во директен линк со Никола Груевски.

Напразно Зврлески сака да покаже дека наводно нешто почнал да работи.

Половина година од објавата на доказите од прислушувањето и поднесените кривични пријави, не е покрената ниту една постапка.

Соопштението од Зврлески следува откако е договорено Специјален јавен обвинител да ги работи предметите за функционерите чијашто одговорност тој ја крие.

Ако добро се проследи она што го напишал Зврлески, тој не се осмелил ниту еднаш да го спомене името на Никола Груевски, а не пак да го викне на распит, и покрај огромниот скандал со парцелите на Водно во којшто е вмешан Груевски како премиер.

Обвинителството не постапило по допрен глас за ниту една од снимките за коишто не е поднесена кривична пријава, а особено снимката која открива криминал со автопатиштата во коишто е вмешан Груевски со сериозни индиции за барање мито меѓу 15 и 18 милиони евра, како и за низа други афери во коишто е вмешан Груевски.

Освен Мијалков, ниту еден од високите владини и партиски функционери вмешани во скандалите не е викнат на распит.

За ниту еден од нив нема мерка за обезбедување.

Сите тие сеуште ги извршуваат своите функции, а можат да ја попречат истрагата, да влијаат на сведоци или да уништат доказен материјал.

Марко Зврлески не смее и не може да донесе одлуки по предметите.

Зврлески нема ни морален ни професионален интегритет и кредибилитет .

Токму затоа е договорен Специјален јавен обвинител.
Ништо не е ниту разјаснето, ниту готово.

Единствено што може да направи Марко Зврлески е да си поднесе оставка.
Одговори на новинарски прашања:

Медиуми: Обвинителството го бара оригиналниот медиум на којшто е снимено прислушувањето. Ќе им го дадете?

Шилегов: Ако обвинителството ја работеше својата работа онака како што требаше, а требаше да бидат запечатени просториите на Управата за безбедност и контраразузнавање, таму ќе го најдеше оригиналниот медиум.

Медиуми: Што мислите дека беше целта на овој потег на Обвинителството, што сакаат да одиграат сега?

Шилегов: Сакаат народски кажано, да глумат лудило дека нешто се прави, а во нашава денешна изјава доволно е јасно дека Јавното обвинителство не направило ништо. Кажува дека извадило тековни состојби, на пример шест месеци по поднесување на пријавите тие соопштуваат дека извадиле тековна состојба, а кој било граѓанин на Република Македонија, тековна состојба може да извади за четириесетина минути.

Слични содржини