Вработените од ФЕНИ утре ќе протестираат пред банките

од desk4

Вработените од кавадаречкиот комбинат ФЕНИ од утре ќе протестираат пред филијалите на трите банки доверители во центарот на Кавадарци. Од Синдикатот на ФЕНИ за Телма велат дека протестот, кој ќе почне во 10 часот и ќе продолжи во текот на наредните денови, ќе се одржи поради покренатата претстечајна постапка за комбинатот. На 13-ти овој месец е закажано рочиште во Судот во Велес, по што ќе се знае дали фабриката заминува во стечај или е најдено решение за спас. Сѐ уште е неизвесно дали некој се јавил и кој инвеститор понудил план за рестартирање односно дали е добиена сериозна понуда за купување на комбинатот.

Привремениот стечаен управник Мирослав Анастасиевски за Телма изјави дека во моментов се врши испитување на инсолвентноста на компанијата, состојбата со блокадата на сметките, како и тоа дали компанијата има имот за да биде спроведена стечајна постапка.

Додека се чека решението, извршниот директор на комбинатот веќе доби две кривични пријави за злоупотреба на службената положба и сомневање за перење пари.

Вработените од ФЕНИ уште еднаш го повторија апелот до премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев, да помогнат што поскоро да се изнајде решение за спас на комбинатот.

 

Слични содржини