„Одев со глава замаен, наведнат, мртов, зачмаен; одев со грутка на срце и кара камен на гради.“

Не знам колку пати во минативе десет години се чувствував токму вака, чекорејќи по асфалтот на родниот град, додека ги гледав сите облици на безумие и неправда завиткани во барокни фасади. Во свеста ги повикував сите стихови, опеани да идентификуваат слични состојби. Ми трештеа и Иги Поп, Леонард Коен, Ник Кеив, Џони Штулиќ.Денови ли денови поминаа, реки луѓе по улици, барајќи правда и виновник за нивните солзи, го посочуваа, и исто толку денови, без одговор.

Не се помалку црни деновите во стиховите на Рацин, од нашиве , во овој век. Колку непроспиени ноќи на моите сонародници  што се срамат пред погледите на нивните деца, немоќни да обезбедат гол живот, деновите на тие што палеа свеќи по гробови наместо на родендени, заради негрижа на здравствениот систем.И се прашувам каков е тој превртен ум, што може да го исмејува поетскиот порив да се коментира социјалната неправда, и какви се тие интелектуалци што останаа неми, пред овие слики.

„И кој раздвои, и кој раздвои човек од човек со ѕид? И кој поправи , и кој направи човек на човека роб!“.

Минатата недела, коинцидираа неколку настани: писателската асоцијација,  прослави 70 години постоење, новинарите на МПМ излегоа на штрајк, Чилиманов,  плукаше по Рацин, Јовановски војна ќе правеше.Па, причинско-последична, -Каква е поврзаноста на овие настани?  Писателите и новинарите, неми пред сите тектонски превирања во општеството, се додека измамата  не стигне и до нивниот џеб, свесно дозволија атмосфера на тотална културолошка беда, во која виреат и владеат безумните. Секоја чест на  инцидентните и индивидуланите реакции, но нив немаше кој објкетивно да да ги пренесе на јавноста.

Доколку во минативе десет години, писателите застанеа во одбрана на  интегритетот, културата , достоинството на професијата,  и зад правдата на својот народ, наместо да ги организираат здодевните промоции, да си ракоплескаат меѓусебно, а богами и на милостивите власти, што им подржале некое книжуле, приказната ќе беше поинаква.

Пред исто толку години кога владиниот Гебелс, во МПМ покрена иницијатива за објава на антологиски изданија, демек загрижен за имиџот на медиумскиот концерн и глумејќи некоја општествена одговорност, истовремено кастреше плати на новинарите, бркаше од работа неистомисленици, ротирајќи уредници, чие новинарско портфолио се состои од пишување партиски памфлети, аплузи добивеше и од писателите и од новинарите.

И конечно, Чилиманов,  така подобен и послушен, се експонираше како гранде новинар, па дури беше и награден со уште двајца послушници да прави мониторинг на медиумите за време на изборите. Јовановски, ќе му дојде како колатерал ( иако сметам дека е експресивен актер), сепак идолопоклонството и ексклузивитетот како и хонорарите веројатно му го зеле умот. Сега чија е вината, на медиумите, писателите, глумците профитери, на сите нас?

„Зарем нема срце-зар нема срце-срце над срцата, срце, ширини широко, срце-длабини длабоко, цел свет да го збере , и пак да вие гради премало?

Како што за секој голем уметник, и за Рацин, поривот да пишува за неправдата бил природен, веројатно исто толку е природен поривот на безумните да плукаат по него, особено ако е тоа дозволено, а сигурно и наградено.

„Кукли од крв, без трошка идеја, убијци..“, ги нарече Штулиќ, и си замина на село во Холандија. Рацин за жал, прерано си замина. Да спориме за биграфиите на оние кои фактички успеале да остават зад себе минимум благороден труд, секако дека можеме. Кој бил, опуртунист, кој дефетист, кому комфорот му бил поважен од вистината, така во недоглед. Сепак, за таква дрскост во своето си-ви треба да имаш барем еден стих.

Време е да се докаже вината, иако лежи по малку во сите од нас, на некои вина-невина, на некои вина-виновна.

пишува Ана Василевска

 

 

 

Слични содржини