Зврлевски се уште е во фотелјата: Милошоски му порача на Џафери „да размисли“ кога ќе го повика собраниското обезбедување

од Vladimir Zorba

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на сите можни начини, според собранискиот деловник, но и надвор од него, се обидува да го блокира разрешувањето на државниот обвинител. Владејачката СДСМ пак најави дека нема одмор за пратениците се’ додека не се гласа за смена за Зврлевски

Републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски ќе остане на својата функција барем до петок, кога е најавено ново продолжение на шестата седница на Собранието, каде точка на дневен ред е неговото разрешување. Вчера пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторно успешно ја блокираа работата на Собранието и не дозволија гласање за негова смена.

Седница почна тензично и со инцидент кога пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја блокираа собраниската говорница, па спикерот Талат Џафери мораше да го повика обезбедувањето и да даде пауза.

Пратеникот Антонио Милошоски, му порача на Џафери „да размисли“ следниот пат кога ќе го повика собраниското обезбедување.

Дебатата околу разрешувањето на Зврлевски потоа продолжи со бесконечни реплики на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои си реплицираа меѓусебно, но и на пратеникот од ДУИ, Артан Груби, кој пак воопшто не беше присутен во салата. Меѓусебните реплики не се однесуваа на разрешувањето на обвинителот, па така денеска теми беа пожарите, мигрантите, Супер купот, депонијата во Струга и договорот со Бугарија.

Токму смената на Зврлевски беше причината поради која пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ формираа десет пратенички групи, и назначија исто толку координатори.

За работата на обвинителот пратениците од опозицијата се изјаснија дека власта нема никакви докази за незаконско работење и бара да биде разрешен исклучиво од политички причини. Тие се повикуваат и на распишаните локални избори бидејќи според нивното толкување на законите, не смее да има разрешувања на државни функционери се’ до нивното одржување. Во таа насока ВМРО-ДПМНЕ писмено побараа од Државната комисија за спречување на корупција да се произнесе дали треба да продолжи седницата, а со тоа и смената на обвинителот.

Илија Димовски од од оваа партија, апелираше членовите на Антикорупциската комисија веднаш да се вратат од одмор за да одговорат на нивното прашање дали постапката за разрешување на Зврлевски треба да се прекине.

Од друга страна пак СДСМ смета дека тоа мислење за Собранието не е обврзувачко и ги обвини опозиционерите за одолговлекување на седницата, а пратениците од владеачкото мнозинство не учествуваат во дебатите.

 

Слични содржини