Антиимиграциските демонстранти во Велика Британија во неделата запалија два хотела што се користат за сместување на баратели на азил додека земјата се соочува со најголемите немири во последните години!
Демонстрантите ги нападнаа хотелите во Тамворт и Ротерам, додека полицијата во неколку други градови се бореше да ги спречи судирите меѓу десничарските активисти и мигрантите и нивните поддржувачи.
Немири беа забележани и во Мидлсброу и Болтон.
Британскиот премиер Кир Стармер ги осуди насилните протести во кои беа уапсени повеќе од 150 луѓе од саботата вечерта и предупреди дека секој вклучен во насилството ќе се соочи со законот.
– Луѓето во оваа земја имаат право да бидат безбедни, но сепак видовме напади врз муслиманските заедници и напади на џамии, издвојување на другите малцински заедници, нацистички поздрави на улица, напади врз полицијата, непромислено насилство со расистичка реторика. Значи, не, нема да се двоумам да го наречам разбојништво на екстремната десница, рече Стармер од Даунинг стрит во неделата.
Министерството за полиција најави дека на џамиите низ државата ќе им биде понудена поголема заштита со ново итно обезбедување поради неодамнешните напади.
Неколку стотици десничари маршираа низ Мидлсброу извикувајќи слогани против мигрантите.
– Ја сакаме нашата земја назад, извикуваа демонстрантите додека минуваа низ центарот на градот.
Некои учесници на протестот ги запреа своите автомобили на сред улица барајќи странски имигранти меѓу возачите.
– Дали си Англичанец? Дали сте бели, на едно видео се слуша како еден од нив вика на возач кој се обидел да помине на раскрсницата каде што се собрале неколку стотици луѓе кои марширале со антиимиграциските групи.
Сепак, други видеа од Мидлсброу, кои не се објавени од водечките британски медиуми, покажуваат организирани групи мигранти како брутално ги тепаат демонстрантите.
Шокантни сцени се снимени и во Болтон, каде, како што јави Би-Би-Си, полицијата морала да донесе коњаница на улиците за да се обиде да спречи судир меѓу десничарите и организираните групи мигранти од Азија.
Повеќе од 300 луѓе, главно со лица покриени со црни маски, маршираа со извици „Алаху Акбар“ кон градското собрание каде претходно се собраа група десничари веејќи англиски знамиња.
Полицијата успеала да ги избрка од центарот на градот, но до околните улици дошло до судири.
Ден претходно, да потсетиме, имаше насилство во градовите како Хал, Ливерпул, Стоук на Трент, Нотингем, Бристол, Манчестер, Блекпул, Белфаст…
Бранот на насилство беше предизвикан од дезинформациите дека мигрант е одговорен за бруталното убиство на три девојчиња во училиште за танц во Саутемптон, мобилизирајќи антимуслимански и антиимигрантски поддржувачи.
Полицијата соопшти дека осомничениот тинејџер е роден во Кардиф, но тоа не ги спречило немирите.