„Ќе си лежите“: Осамна транспарент на надвозникот кај мостот Гоце Делчев (ФОТО)

од Nikola Popovski

Граѓаните го искажаа своето задоволство од вчерашната одлука на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, кој ја отфрли тужбата на осум поранешни македонски функционери против државата.

На надвозникот после мостот „Гоце Делчев“ осамна транспарент „ќе си лежите“.

Судот во Стразбур ја отфрли жалбата како преуранета и им наложи прво да ги завршат сите судски постапки и да ги преземат сите правни лекови во Македонија. Тие се меѓу обвинетите во судските случаи произлезени од скандалот со прислушувањето.

Поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ се пожалија на спорното право на правично судење. Судот не ја оцени аболицијата на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов од 2016 година, иако таа беше поднесена како аргумент во жалбата.

Тогаш беа помилувани 56 лица осомничени и осудени во повеќе случаи водени од Специјалното јавно обвинителство, произлезени од големата афера за масовно прислушување на над 20.000 лица.

Поранешниот премиер Никола Груевски, поранешните министри во неговата влада, Миле Јанакиевски и Гордана Јанкуловска, секретарот на Владата Кирил Божиновски, началникот на Управата за контраразузнавање и безбедност Сашо Мијалков и неговиот поранешен шеф на кабинет Тони Трајковски, поранешните градоначалници Владимир Талевски и Едмонд Темелко се пожалија во Стразбур.

Фото: Фронтлајн

Слични содржини