📷Електричен автомобил од Калининград ја шокираше руската јавност

од Vladimir Zorba

Московскиот политехнички институт (МАМИ) го претстави прототипот на идниот електричен автомобил. Моделот по име Амбер за само два дена го доби прекарот „убиецот на Тесла“.

Проектот го нарача фабриката Автотор од Калининград, позната по производството на автомобили БМВ, Форд, Киа и Хјундаи (додека не направија егзодус од Русија), а целиот проект е „под договор“ со Министерството за индустрија и трговија, пишуваат руските медиуми.

Сите главни компоненти на електричното возило, како што се моторот, воланот и батериите, се развиени и произведени во Русија. Деловите од телото се преземени од Лада Веста, а дополнителна посебна карактеристика е тоа што батеријата може да се изнајмува.

Сертифицирањето на првите пет примероци е планирано за 2024 година, додека масовното производство треба да започне во 2025 година, пренесе „Јутарњи“.

Сепак, набргу по претставувањето на руската електрична гордост, социјалните мрежи и порталите буквално експлодираа.

Главна мета се шефовите на одделот за дизајн поради очајните визуелни решенија со кои се чини дека сакаат да му ја земат титулата најгрд автомобил на светот од легендарниот Fiat Multiple.

Спорна е и најавата дека сите компоненти на автомобилот ќе се произведуваат во Русија, бидејќи многупати се покажа дека делови од руските автомобили доаѓаат со ознака „Произведено во Кина“.

По лавината лоши реакции од руската јавност се огласи и портпаролот на фабриката Автотор кој тврди дека немаат врска со овој автомобил.

„Изгледот на овој автомобил нема ништо заедничко со електричниот модел Амбер што го развиваме. Дистрибуираните фотографии ја прикажуваат универзалната платформа што се користи за тестирање на работата на сите системи на идниот автомобил. Финалната сериска верзија во поглед на дизајнот нема да има врска со ова“, нагласи претставникот на Автотор.

Слични содржини