11 Октомври – Ден на народното востание

од Берта Китинска
202 прегледи

На 11 октомври 1941 година, Првиот прилепски партизански одред го нападна полицискиот участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.

Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во 110-илјадна армија. Повеќевековните идеали за основање македонска држава се оживотворени со одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година.

11 октомври денеска се одбележува со низа манифестации. Делегации на државниот врв, општествено-политичките организации, Армијата, борците, дипломатскиот кор во Прилеп ќе положат цвеќе пред спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифовски Питу и на спомен обележјата во Алејата на народните херои, пред споменикот „Жена борец“ и на Могилата на непобедените. На Могилата на непобедените е предвидена свечена празнична програма и обраќања на претседателот на државата, Стево Пендаровски, на градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски и на претседателот на Општинскиот одбор на борците од Прилеп, Круме Соколоски.

Одбележување на Денот на народното востание

По повод одбележувањето на државниот празник 11-ти Октомври – Ден на народното востание, Владата на Република Северна Македонија, утре пред Спомен – костурницата во Куманово организира централен свечен настан за одбележување на државниот празник под мотото „Секогаш на вистинската страна“. Дополнително владини делегации ќе положат свежо цвеќе пред спомениците на паднатите борци од НОБ во Скопје и Прилеп.

Централниот настан во Куманово, започнува со положување свежо цвеќе на Спомен – костурницата. Владината делегација ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, а е составена од Артан Груби, прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, Адмирим Алити, министер за информатичко општество и администрација.

Потоа, настанот продолжува со културно уметничка програма на платото пред Спомен – костурницата и со обраќање на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, предвидено за 10:45 часот.

Со посебни почести владина делегација предводена од вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, а во состав на Александар Бајдевски, заменик-министер за информатичко општество и администрација и Башким Хасани, заменик-министер за одбрана во 11:15 часот ќе положат свежо цвеќе на споменикот на ,,Ослободителите на Скопје”, на платото кај Владата на Република Северна Македонија, по што вицепремиерката Грковска ќе даде изјава по повод празникот.

Како дел од чествувањето на празникот 11-ти Октомври, официјална владина делегација ќе учествува на настан во Општина Прилеп со почеток во 9:30 часот пред споменикот „Методија Андонов – Ченто“.

Во состав на оваа владина делегација се Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерка за култура, Владимир Рендевски, заменик-министер за здравство, Џемил Ќамили, директор на Агенцијата за развој на земјоделство.

Слични содржини