„17 аудио снимки“: Републиканците тврдат дека имаат докази дека Бајден примил мито

од Stefanija Kuzmanovska

Американската Републиканска партија тврди дека има докази – аудио снимки – кои докажуваат дека претседателот Џозеф Бајден, додека ја извршувал функцијата потпретседател на САД, примал мито, како и неговиот син Хантер.

Случајот се нарекува „Брајб-гејт“, со што се поврзува со „Вотергејт“, скандалот над скандалите и зборот „брајб“(bribe), што значи мито.

Се тврди дека во 2016 година, кога ја извршуваше функцијата потпретседател на САД, Бајден исплатата на финансиската помош за Украина ја условил со давање отказ на украинскиот државен обвинител Виктор Шокин.

Во тоа време, Шокин ја водеше истрагата против украинската енергетска компанија БУРИСМА, во чиј надзорен одбор беше и Хантер Бајден, синот на претседателот.

Тоа накратко е верзијата на приказната која веќе неколку години кружи во јавноста.

Новост е дека сега тоа го тврди републиканскиот сенатор Чак Гресли од американската сојузна држава Ајова.

Гресли во американскиот парламент рече: „Странски државјанин кој, како што се сомнева, подмитил членови на семејството Бајден, очигледно тајно снимил 17 аудио снимки“.

Гресли се повикува на основачот на компанијата БУРИСМА Микола Злочевски, наведувајќи дека изворот за овие тврдења е од Федералното истражно биро на САД (ФБИ).

Гресли изјавил дека со помош на тие записи Злочевски сакал да се осигура во случај работата да биде откриена, пренесе „Дојче веле“ (ДВ).

За време на сослушувањето во Конгресот, сенаторот Тед Круз го праша заменик-директорот на ФБИ, Пол Абате дали ФБИ навистина ги има снимките, и му беше кажано дека не може да зборува за тековната истрага.

Републиканскиот конгресмен Џејмс Комер од Кентаки, кој ја води истрагата во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, изјави дека на две аудио снимки се слуша Џозеф Бајден, а на другите тогашниот менаџер на компанијата БУРИСМА, Хантер Бајден.

Комер тврди дека сите разговори биле за условите за исплата на мито, а Џо и Хантер Бајден добиле по пет милиони долари.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој во моментов е под голем притисок поради обвинението поврзано со доверливи документи, минатата недела најави дека по неговиот реизбор за претседател ќе назначи специјален истражител.

Трамп рече дека специјалниот истражител треба да се занимава со истрагата против, како што наведе, „најкорумпираниот американски претседател на сите времиња“, односно целото „злосторничко семејство Бајден“.

Другата половина на САД, која го фаворизира Бајден, повеќе или помалку ја игнорира темата „брајб-гејт“.

Во тоа време, тврдат тие, Бајден, всушност, работел во консултации со други нации, вклучително и со ЕУ, во притисокот за смена на државниот обвинител во Украина.

Републиканската партија најавува дека ќе ги објави доказите за наводната милионска корупција на семејството Бајден, односно аудио снимките кои треба да го поткупат тоа, како дел од работата на Истражниот комитет на Конгресот.

Слични содржини