Лебот по традиција најзастапен на македонската трпеза, но не изостануваат и компирите, пилешкото месо, сирењето, млекото, а од рибата најчеста на трпезата била ослиќот. Меѓу пијалаците, од македонските граѓани најкористени се газираните и пивото, пренесува МИА.
Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека едно домаќинство во земјава просечно годишно троши 255,1 килограми леб.
Од месата најприсутно е пилешкото кое во просек едно домаќинство трошело 35,9 килограми пиле, 14,3 килограми пилешки стек, јунешкото месо просечно се трошело по 16,1 килограм, телешко 11,8 килограми, свинското 29 килограми.
Ослиќ рибата најмногу се конзумирала, просечно едно домаќинство во 2019 година потрошило 21,3 килограми, од свежите најзастапени биле свежата пастрмка со 1,6 килограми, свежиот крап 0,4 килограми и црвеноперката 0,2 килорами. Морска храна лани едно домаќинство во просек потрошило 0,1 килограм, а туна се конзумирало 1,3 килограми во просек годишно.
Млечните производи биле присутни на македонската трпеза. Млеко едно домаќинство конзумирало 141 литар годишно, јогурт 44,2 литри, кисело млеко 17,6, сирење 26,7 килограми, урда 11,4 и кашкавал 10,4 килограми.
Едно домаќинство во земјава јаде годишно 724 јајца, троши 57,1 литар масло за јадење, 6,3 килограми маргарин, 1,2 килограми путер, 17,3 килограми сол. Грав годишно домаќинсствата трошат по 23,7 килограми, ориз 29,1 килограм, леќа 4,4 килограми, боранија 2,9 килограми…
Компир годишно во земјава едно домаќинство троши во просек 107,8 килограми, пиперки 77,2 килограми домати 56,1 килограм, зелка 37,6 килограми, краставици 30,7 килограми. Јаболките и лубеницата, како домашни производи биле најзастапени на трпезата, а според потрошувачката присутни биле и јужните овошја. Јаболки во просек се конзумирале во домаќинство 44,7 килограми, лубеница 49,4 килограми, банани 31,6 килограми,, портокали 27,7 килограми, грозје 13,8 килограми, праски 13,1 илограм,сливи 4,5 килограми, кајсии 5,1 килограм, лимони девет килограми…
Макароните, исто така, биле често на трпезата на домаќинствата, па податоците покажуваат дека годишно едно домаќинство конзумира 20,9 килограми макарони.
Шеќер едно домаќинство во годината троши 40,1 килограм, а од благото на трпезата биле застапени млечната чоколада со 3,9 килограми, локумот еден килограм бонбони 1,8 килограми, наполитанките 7,6 килограми, јафа бисквит 2,2 килограми. Мед се јадело 2,6 килограми, а сладолед 3,1 килограм. Кафе македонските граѓани конзумираат годишно по 9,3 килограми, какао 0,6 килограми. Чај во едно домаќинство се пие 1,9 литри. Цигари едно домаќинство троши 128 кутии годишно.
Од пијалаци македонските граѓани преферирале газирани сокови. Годишно во просек едно домаќинство конзумира 90,2 литри газирани сокови, кашести овошни сокови 22,9 литри, овошни природни сокови 3,8 литри. Ракија се конзумирале 2,1 литар по домаќинство, вино 5,6 литри, а најмногу се пиело пиво 43,4 литри. Минерална вода се пие во домаќинство 92,7 литри.
Ајварот, како познат домашен производ, годишно во просек едно домаќинство во земјава троши 1,2 килограми.