Костовски во кампањата ветуваше нова поликлиника и најави дека уште во првиот месец од мандатот ќе ја отстапи општинската зграда за да стане поликлиника. Денес, по три месеци од мандатот, Бутел нема нова поликлиника, а градоначалникот Костовски не ја отстапи општинската зграда и најави дека воопшто нема намера да го стори тоа, изјави Мартин Бошковиќ, член на СДСМ и советник во Советот на Општина Бутел.
Според него, ова е неодговорно и нечесно однесување кон граѓаните на општина Бутел од страна на Костовски.
-Костовски исто како неговиот шеф Мицкоски е лицемерен и ги лаже граѓаните. И Костовски исто како Данела Арсовска во првите месеци од мандатот, освен партизација на општината не направи ништо за Бутел, оценува Бошковиќ.
Градоначалникот на Бутел за време на предизборната кампања рече дека грижата за граѓаните му е на прво место и ќе ја понуди општинската зграда за поликлиника на Министерството за здравство, а општинската аминистрација ќе биде преселена во друг објект.
-Мене не ми треба комоција како градоначалник на Бутел, граѓаните на општина Бутел немаат амбуланта. Јас веднаш ја нудам мојата канцеларија, т.е. целата општина за поликлиника. Од првиот ден ќе ја понудам на Министерството за здравство и администрацијата на општината ќе се пресели на некое друго место, вети Костовски.