Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека Кина може да се соочи со „многу тежок период“ поради можен бран на инфекции, една недела откако почна да ја ублажува политиката на „нулта толеранција на ковид-19“.
Кинеските државни медиуми известуваат за тешко болни пациенти во болниците во Пекинг.
„Секогаш е многу тешко за која било земја да излезе од ситуација во која имала многу строги контроли“, изјави вчера портпаролката на СЗО Маргарет Харис на прес-конференција во Женева, пренесе „Ројтерс“.
Кинеската Национална здравствена комисија (НХЦ) од среда ќе престане да известува за нови асимптоматски инфекции бидејќи повеќе не се спроведуваат масовни тестирања, што го отежнува прецизното пресметување на вкупниот број случаи, се вели во соопштението на институцијата.
Тие додаваат дека ревакцинацијата против коронавирусот ќе биде овозможена за високоризичните групи и лица над 60 години.
Временскиот јаз помеѓу првата и втората дополнителна вакцина ќе биде шест месеци, соопшти НХЦ, додавајќи дека луѓето кои можат да бидат високоризични групи ќе ги вклучуваат оние со тешки постоечки болести и оние со низок имунитет.