Малцинствата имаат потполно исти права како македонското мнозинско население, изјавила претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска во интервју за бугарска „Нова“, запрашана колку брзо Бугарите можат да станат официјално малцинство во Македонија.
Кацарската истакнала дека земјава има демократски Устав од 1991 година и од гледна точка на уставното право, сме подготвени да бидеме дел од европското семејство.
-Ние сме мултиетничко општество. Македонија е земја на македонскиот народ. но и на другите – албански, турски, ромски, српски… Малцинските општества имаат потполно исти права како и македонското. Нашиот Устав не содржи ниту една одредба која ги ограничува правата на Македонците и на малцинствата. Еднакви права и слободи – на изразување , на размислување, на политичка припадност итн. Јас не ги делам луѓето, а како граѓанин не ми пречат Бугарите кои живеат во Северна Македонија. Нема законска пречка бугарското малцинство да биде вклучено во Уставот на земјата, рекла Кацарска.
Комисија на Советот на Европа го осуди јазикот на омраза во РСМ: Какви ќе бидат последиците
Таа прецизирала дека Македонија ја потпишала Рамковната конвенција за национални малцинства на Советот на Европа.
-Ние ги признаваме правата на сите наши граѓани. Политичарите не побараа мислење од мене за случајот, но ако ме прашаат мене, како адвокат, ќе одговорам – нема законска пречка македонските граѓани кои се дефинираат како Бугари да да бидат вклучени во Уставот, потврдила Кацарска.
Според неа, таа не поддржува никакви акти на насилство, но мора да признаеме дека во сите земји има изолирани случаи.
На прашањето дали има забрана на бугарски културни клубови во Северна Македонија и како Европа гледа на тие случаи, Кацарска кажала дека со закон се точно утврдени критериумите за основање на здруженија на граѓани и притоа потсети дека Северна Македонија е земја што максимално ги почитува одлуките на Судот во Стразбур, при што алудираше дека има држави што не ги применуваат насоките и пресудите на Европскиот суд за човекови права.