Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека за името на техничкиот премиер се уште не разговарале со раководството на Демократската унија за интеграција (ДУИ).
– Во однос на името на техничкиот премиер не сме разговарале, рече премиерот одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Фармацевтскиот факултет во Скопје.
Претседателските и парламентарните избори веќе се знае кога ќе бидат, рече Ковачевски, изразувајќи уверување дека претседател на државата ќе биде кандидатот на СДСМ и коалициските партнери и дека тој повторно ќе формира Влада.
-Тоа ќе биде кандидат кој ќе се грижи за стратешките цели на државата, претседател на сите граѓани, кој ќе се грижи за остварување визијата за просперитетна Македонија и ќе стане – земја членка на ЕУ. Истовремено на парламентарните избори, со оглед на тоа дека СДСМ ќе настапи со европска коалиција, и ќе ја добие довербата од граѓаните и на тие парламентарни избори јас повторно ќе го добијам мандатот за формирање на следната влада со која ќе влеземе во полноправно члленство во ЕУ, рече Ковачевски.