Вчеравечер, на вториот ден од изборната кампања, кандидатот за претседател Стево Пендаровски зборуваше пред граѓаните на Штип.
Истакнувајќи дека во текот на кампањата сите граѓани ќе бидат исправени пред истата дилема како пред 10 или 20 години, односно дали да им дадат доверба на квази патриотите или на оние кои покажаа дека знаат како да ги штитат државните интереси на Македонија, Пендаровски рече дека треба добро да размислат затоа што истите политичари и истата политичка партија, денес во опозиција, во 2001-та, ја нудеа воената опција во која требаше да гинат некои други деца, а не нивните.
„Наместо договорот од Преспа нудат негово поништување, истите тие кои цело време велат никогаш Северна, ама од Северна Македонија 5 години без проблем примаат функционерски плати како градоначалници и пратеници и ни на памет не им паѓа да ги вратат мандатите на граѓаните. Не треба воопшто да прогнозираме какви политики ќе водат ако бидат на власт, затоа што паметиме што се случуваше во нивните 11 години – заробена држава, медиуми ликвидирани со гола репресија, политички противници во затвор, новинари во затвор за напишан збор и ниту еден нивен, тогаш активен функционер во притвор”, потенцираше Пендаровски.
Во оваа насока, кандидатот Пендаровски додаде дека во тие 11 години, тогашната власт, а сега опозиција, не донесе ниту една тешка одлука, затоа што преку носењето на стратешки одлуки се остваруваат националните интереси, но, се губи рејтингот, а тие биле заинтересирани само за власт и пари, а не и за интересите на државата и граѓаните.
„Како национален координатор за НАТО во 2018 ги водев преговорите за членство во Алијансата со што долгорочно сите ние го осигуравме опстанокот на државата. Ја поддржав Европската преговарачка рамка со која не само што ги започнавме преговорите по 17 години чекање, туку договоривме со Брисел македонскиот јазик да биде еден од официјалните јазици на Европската Унија”, подвлече Пендаровски.
Говорејќи за досегашната работа на оваа владејачка структура Пендаровски рече дека не се направени големи грешки за стратешките прашања, што не е случај за некои политички или кадровски решенија.
„Нужно е да направиме целосен ветинг на сите судии и обвинители, но, и на нас, политичарите. Сите кои што намерно држат предмети во фиоки со години или не можат да докажат како од плата заработиле милиони, треба да бидат разрешени од функциите и да лежат во затвор, а не да делат правда или да конкурираат за политичка функција”, истакна Пендаровски.
Од граѓаните на Штип кандидатот за претседател Стево Пендаровски синоќа побара на 24 април масовно да се мобилизираат и уште во првиот круг, да ја осигурат заедничката победа на 8 мај. Само со глас за бројот 1, рече Пендаровски, Македонија ќе оди напред.