По наредба на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и по наредба на вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, Србија испраќа помош до Македонија за гаснење на пожарите на отворен простор, на барање на македонската Влада.
Хеликоптерот за гасење на пожарите „Камов К-32′ со капацитет од пет тони вода, со вкупно седум припадници на Хеликоптерската единица и Секторот за вонредни состојби на српското МВР, утрово во 08:30 тргнал кон Македонија.
Припадници на српското МВР ќе бидат ангажирани за гаснење на пожарите на планината Серта на загрозеното подрачје во општините Неготино, Конче и Штип.
Колку за потсетување и хрватското Министерство за одбрана објави дека, според наредбата на тамошниот министер Иван Анушиќ, авион канадер (Canadair) со два екипажи е одобрен и се испраќа како помош за земјава при справување и гасење на пожарите кои беснеат на наша територија.
Вчера претпладне од Турција пристигнаа два „ер трактори“ и еден хеликоптер, кои веќе активно работат на терен. Се очекува помош и од Словенија и од Црна Гора во текот на денешниот ден.