Владата ќе работи силно за Шуто Оризари да стане пристојно место за живеење, порача Мицкоски

Долго време оваа општина беше ставана на маргините. Предолго време беше поттурнувана на страна, беше газено достоинството и честа на луѓето. А оваа општина е на само неколку километри од центарот на градот, но со супстандардни услови.

од Vladimir Zorba
38 прегледи

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска на предизборниот митинг во Шуто Оризари порача дека Шуто Оризари ќе стане пристојно место за живеење, ќе се решаваат инфраструктурни проекти каде граѓаните ќе имаат квалитетен живот.

-Многу ми е драго што сум тука, во Шуто Оризари – место со многу проблеми, но со големо срце и душа. Долго време оваа општина беше ставана на маргините. Предолго време беше поттурнувана на страна, беше газено достоинството и честа на луѓето. А оваа општина е на само неколку километри од центарот на градот, но со супстандардни услови. Тоа што политичарите тука доаѓаа само пред избори, ветуваа и не остваруваа ништо, само покажува колку го потценуваа народот на Шутка. Тоа не смее повеќе да се повторува, а и вие добро ги знаете тие луѓе кои на Шуто Оризари гледаа само како на гласачка машинерија. Јас ве гледам во очи, стојам пред вас и ви велам дека Шуто Оризари мора да оди напред, да прави крупни чекори и да ги решава крупните проблеми, изјави Мицкоски.

Тој посочи дека времето кога на општината се гледала како на место за богатење на неколкумина, а тие ја третирале како своја приватна фирма завршува.

-Бидете мудри, овој пат вие, граѓаните, одлучувате. Секој ваш глас овде се брои и е важен. Знам дека сега доаѓаат и ви нудат разноразни непринципиелни понуди, пари и поткупи. Слушам дека има и такви кои нема да жалат да го одврзат ќесето само за да добијат глас повеќе. Но овој пат постапете мудро за иднината на вашите деца. Запрашајте се: кој може да направи повеќе? Тие што ви нудат поткуп, или ние што ви нудиме работа, проекти и подобри услови за живот? Јас нема да ветувам непринципиелни работи, ниту пак да ветувам нешта што не можам да ги исполнам. Но ви ветувам работа и решавање на проблемите со кои секојдневно се соочувате. Длабоко ве почитувам и ве гледам како мои соседи, пријатели и искрени луѓе, истакна Мицкоски.

Тој освен останатите проекти потенцираше дека во план е амбуланта во Шуто Оризари.

-Амбуланта во Шуто Оризари која знам колку е потребна и заедно со поликлиниката која ќе почне да се гради во соседна општина Бутел, мислам дека со ова здравјето на жителите во Шуто Оризари ќе добие едно повисоко ниво на третман, а ние како Влада тоа ќе го направиме, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика граѓаните да гласаат за број 9 за подобра иднина и развој на државата.

-Затоа излезете и гласајте за себе и за вашите семејства. За иднината на вашето маало, за вашата улица и за местото во кое сте родени и живеете. Ерџан Демири е нашиот кандидат за Шуто Оризари. Многумина ме убедуваа да поддржиме други кандидати и други коалиции. Но единствената коалиција што овде ја признавам е коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со народот. Ерџан е нашиот избор, вистинскиот избор за развојот на Шуто Оризари. Со изборот на Ерџан, вие гласате за одличен тандем. Ерџан ќе работи заедно со Орце Ѓорѓиевски, кандидатот за градоначалник на Скопје. Тоа што ќе гласате за Ерџан значи дека Шуто Оризари ќе ја има поддршката и од Градот Скопје, со кој ќе соработуваат одлично, а и Владата ќе работи силно за Шуто Оризари да стане пристојно место за живеење, порача Мицкоски.