ЛДП: Системот што го изгради Орбан беше спротивен на аспирациите на огромното мнозинство македонски граѓани

„Победата на Маѓар над десничарскиот популизам е исто така голема победа за ЕУ ​​и нејзината иднина“, велат од таборот на Зајкова

од Nikola Popovski
41 прегледи Фото: Фејсбук/Моника Зајкова

Според Либерално Демократската партија, победата на новиот унгарски премиерот Петер Маѓар над, како што велат, десничарскиот популизам е исто така голема победа за ЕУ ​​и нејзината иднина. За таборот на Моника Зајкова, ова е добра вест за Македонија, која сака европска иднина без неправда, корупција и политичка злоупотреба. Системот што го изгради Орбан беше спротивен на аспирациите на огромното мнозинство македонски граѓани.

„Само пообединета и поефикасна ЕУ ќе може да одговори на исклучително сериозните предизвици на времето што претстои. Ја гледаме нашата заедничка иднина во интегрирана Европа, просперитетна, праведна, богата и со еднакви можности“, порачаа од опозициската партија.

Нескриена радост и ликување од опозициската СДСМ и воздржаност во реакциите од владејачката ВМРО-ДПМНЕ откако на изборите во Унгарија победи опозицијата предводена од Маѓар, а Виктор Орбан по 16 години власт заминува во опозиција. Орбан одржуваше многу блиски односи со владата на ВМРО-ДПМНЕ. Според македонската опозиција, со падот на Орбан наскоро може да дојде до целосно откривање на сите тајни бизнис комбинации меѓу Орбан и Мицкоски – во медиумите, телекомуникациите, енергетиката, унгарскиот кредит од една милијарда евра…