Српски аналитичар: Маѓар тешко може да ги исполни ветувањата за надворешна политика, со оглед на тоа што ЕУ сега брзо наметнува нови услови

-Новиот унгарски премиер ќе мора да игра на довербата на гласачите или на „довербата“ на Фон дер Лајен, вели Илиќ за „Локално“

од Nikola Popovski
43 прегледи Фото: Mилутин Илиќ

„Промената на Владата во Унгарија е тема за која многу се дискутира и анализира во светот, во ЕУ и во регионот. Со оглед на успехот на Петер Маѓар и партијата Тиса, што веројатно му дава двотретинско мнозинство, што е моќ за промена на Уставот, не е изненадувачки што претседателот на Унгарија му го довери мандатот и поднесе оставка (во Унгарија, Парламентот го избира претседателот), а потоа и промени во Уставниот суд, државните органи и медиумите. Маѓар наскоро ќе има апсолутна власт. На внатрешно-политички план, тој ќе може да ги исполни своите изборни ветувања во врска со борбата против корупцијата без поголеми проблеми, но ветувањата во надворешната политика што ги даде, со оглед на тоа што ЕУ сега брзо наметнува нови услови, ќе му биде тешко да ги исполни без поголеми проблеми“, вели во анализа за „Локално“, српскиот независен новинар и аналитичар Милутин Илиќ за влијанието и какви ќе бидат односите на новата унгарска влада со регионот на Западен Балкан и ЕУ.

Илиќ оценува дека новиот унгарски премиер ќе мора да игра на довербата на гласачите или да игра на „довербата“ на Урсула фон дер Лајен. Домашната и надворешната политика се систем на меѓусебно поврзани судови.

-Во секој случај, тоа нема да биде прв пример кога нов сет луѓе ќе ја преземе власта и ќе мора да се соочи со одговорности, излегува „реалполитика“ што се разликува од предизборните ветувања. Врз основа на постапките на Петер Маѓар по преземањето на власта, можеме да донесеме попрецизна проценка за него. Засега, се чини дека ќе има некои промени во водењето на регионалната политика, смета соговорникот.

Тој потсетува дека Словачка не го признава Косово поради тамошното унгарско малцинство.

-Во времето на Виктор Орбан, ова не претставуваше пречка за соработка меѓу патриотите и суверенистите на двете држави, додека сега Маѓар веќе отвора потенцијален конфликт со доведување во прашање на декретите на Бенеш. Ќе видиме каков став ќе заземат кон Србија, дали оној од Брисел под палката на неколку нацистички потомци или проунгарскиот што се покажа како интересен христијански партнер, а се однесува и на соработката со Србија и Северна Македонија и со Република Српска во Босна и Херцеговина.

Во секој случај, станува збор за внатрешнополитичка определба и волја на унгарските граѓани. Засега, гледам експресна потреба Брисел да ги стави под своја целосна контрола и да го ограничи суверенитетот на Унгарија во најголема можна мера, а на тој бран да го спроведе укинувањето на правото на вето во ЕУ и да го замени со гласање со „квалификувано мнозинство“, што го сметам за измама на граѓаните на земјите кои имаа сосема поинаква понуда на референдумот за приклучување кон ЕУ, со право на вето. Маѓар ја носи и цивилизациската одговорност кон традициите и верата на сите древни европски народи, истакнува Илиќ во анализата.

Aналитичарот ја поставува дилемата дека сите ги чекаат првите потези на новата влада за да одговорат на сомнежите – „дали ова е новиот Орбан или само слуга на уценувачите од нервозната неоколонијална ЕУ?“.

Петер Маѓар – Фото: Принтскрин/Фејсбук

Маѓар извојува убедлива победа на изборите во неделата во Унгарија, а многу набљудувачи и експерти веруваат дека неговиот успех значи враќање на оваа земја во европското јато, по 16 години владеење на Орбан. Сепак, како што предупреди вчера хрватскиот европратеник Стјепо Бартулица, се чини дека потенцијалниот нов унгарски премиер веќе го добил првиот ултиматум од Европа. Имено, како што објави „Фајненшл тајмс“ во вторник, Европската комисија започнала „непосредна соработка“ со Маѓар, повикувајќи го да ги подобри односите со Украина и да иницира долгоочекувани реформи со цел ослободување на 35 милијарди евра замрзнати средства од ЕУ.

Бартулица реагирал на оваа вест во објава на платформата „X“. „Нова уцена од Европската Унија против идниот премиер на Унгарија. Брисел ја консолидира власта и бесрамно уценува. Му дадоа 27 услови што МОРА да ги прифати за да деблокира повеќе од 30 милијарди евра замрзнати средства“, објави хрватскиот европратеник.

„Условите вклучуваат: напуштање на политиките поврзани со ЛГБТК правата, имиграцијата, граничната контрола, надворешната политика и политиката кон Украина. Неисполнувањето на барањата на ЕУ може да резултира со трајно губење на дополнителни средства. Европската Унија бара сите европски држави да се откажат од својата независност и суверенитет или ќе им биде прекинато финансирањето“, истакнува Бартулица.

Тука е прашањето и со војната на европско тло. Украина се надева дека по победата на изборите на Маѓар, двете земји ќе отворат нова страница во билатералните односи…

Киев очекува новата влада во Будимпешта да го укине ветото за заемот од Европската комисија од 90 милијарди евра. Сепак, Маѓар изјави дека нема да учествува во заемот, правдајќи го потегот со тешката финансиска ситуација во земјата. Зборувајќи за потенцијалното забрзано пристапување на Украина во ЕУ, новиот унгарски премиер рече дека е невозможно земја во војна да биде примена во блокот.

Н.П.

Слични содржини