Сообраќајот, индустријата, домаќинствата, диви депонии се сметаат за главни причини за загадувањето.
Жителите на Скопје во сите делови каде се мери квалитетот на воздухот веќе ги надминале максимално дозволените денови во кои може да бидат изложени на високи концентрации на ПМ10 четичките во воздухот. На прагот на зимата, кога загадувањето на воздухот е присутен скоро секој ден, скопјани во 10-тe изминати месеци веќе дишеле загаден возух над дозволените максимални вредности меѓу 79 и 139 денови.
Податоците на Министерството за животна средина покажуваат дека најмногу или 139 денови со загаден воздух и концентрација на ПМ10 честичките во воздухот имало во Гази Баба, кај Ректорат 135, Лисиче 101, Карпош 92 и Центар 79 денови.
Максимално дозволените концентрации се 50 микрограми на метар кубен, а концентрациите во зимските месеци достигнувале и над 500 микрограми на метар кубен.
Од почетокот на овој месец, кој според статистиките на Министерството, влегува во најзагадените во годината заедно со декември и јануари, веќе концентрациите на ПМ10 честичките се зголемуваат и достигнале над 300 микрограми на метар кубен.
Честичките се канцерогени и причина за болести и смртност до 30 проценти од населението
Честичките со дијаметар помал од 10 микрограми може да продрат длабоко во респираторниот систем на луѓето и се едни од најштетните загадувачки супстанции во воздухот.
Последните објавени податоци покажуваат дека загадувањето на воздухот е причина за разболување на 30 проценти од жителите на главниот град, а тоа е и причина за смрт на 20 до 30 проценти од населението.
Според професорот Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје на Македонија овие бројки може да се намалат со заедничко вклучување на државните структури на локално и на централно ниво, но и подигање на свеста на граѓаните.
– Ваквите бројки, вели тој, треба да не мотивираат на акција, но и со нивно следење да може да се процени успешноста на преземените мерки, бидејќи ако на годишно ниво во Скопје имаме смртност на пет илјади лица, нашите проценки се дека од 1.000 до 1.050 се последица на аерозагадувањето. Двесте лица од истата причина починуваат во Битола, 100 во Тетово…, што значи од 20 до 30 проценти од смртноста на населението отпаѓа на последица на аерозагадувањето рече Ѓорѓев на конференција за загадувањето организирана во Тетово.
Сообраќајот, индустријата, домаќинствата, диви депонии- причина за загадувањето
Се смета дека честичките се емитуваат во атмосферата од повеќе извори, како возилата, греењето во домаќинствата, индустриските капацитети, електраните, соговорувањето земјоделски отпад, согорувањето отпад од дивите депонии и дворовите и шумските пожари, придружени од непогодните метеоролошки услови, односно стагнација на воздухот.
А како најважани надлежните ги посочуваат греењето на домаќинствата и сообраќајот и поради тоа што висината на која се испуштаат е ниска, речиси во зоната на дишење на човекот.
Невладиниот сектор е се погласен во барањеата за справување со пробелмот со загадувањето. Сметаат дека е резултат на тоа што Скопје е котлина каде се јавува температурна инверзија во текот на зимата, појава на магла а поради урбанистичкото хаотично градење блокирани се и тие струења на воздухот кои некогаш постоеле и без магла се соочуваме со стагнација на воздухот.
– Тоа значи дека што и да се ослободи во воздухот ќе остане сè додека некој ветер не го оддува. И во текот на летово и неделава, кога е потопло времето и нема греење, забележуваме огромни пикови во текот на денот за Гази Баба и Карпош, вели Ели Пешева Граѓанската иницијатива 02 Коалицијата за чист воздух.
Според неа овие вредности не се резултат на греење и истите на многу ниски температури и стагнација на воздух во најмала рака ќе се триплираат.
– Имаме сериозен проблем со загадување на воздухот од производни погони, индустрија, нелегално горење отпад, што е точно причината ние не знаеме, инспекциите не се ефикасни за да го дадат одговорот и спречат ова загадување. Го потенцираме ова, зошто во зимските месеци ќе се зборува само за загадувањето од домаќинствата за потреби на греење. Овие загадувачи ќе останат маскирани и ќе имаме бројки како и изминативе години од часовни вредности од по 800, 1000 µг/м3, потенцира Пешева.
Надлежните најавуваат подигнат степен на борба против аерозагадувањето
Владата според најавите го подигнува степенот на борба против аерозагадувањето и воопшто загадувањето на највисоко ниво со формирање интерресорска владина група во која учествуваат претставници на сите министерства, но и други институции, како и невладини организации, за оваа борба против загадувањето да биде врз база на научни факти, поддржана со аргументи и да се разбијат митовите околу тоа.
Заменик-минситерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули истакнува дека сите овие активности и од работната група во соработка и со властите на локални и централно ниво, како и бизнис секторот, науката и поединците мора да бидат секојдневни активности и превенцијата да стане доминантна политика, а не како досега проблемот на загадувањето и неговото решавање да се разгледува во зимскиот период кога тоа е и најголемо.
– Ние ги поддржуваме сите активности против аерозагадувањето и затоа во мерките и препораките вклучуваме и предлози од невладиниот сектор, а ние како Министерство и Инспекторат за животна средина ќе се обидеме со ноќни контроли на терен, на инвестиции во третирање на отпад да помогнеме во оваа насока, рече Макрадули.
И градските власти сметаат дека загадувањето на воздухот е најитниот и најважниот проблем за решавање.
– Иако има пропишани мерки и активности, како и конкретен план во однос на справувањето со загадувањето на воздухот, мора да се соочиме со фактот дека проблемот нема да се реши веднаш, дека патот ќе биде долг и тежок и дека ќе бара многу посветеност и добра волја од сите засегнати страни за да се изнајде решение за зелено и чисто Скопје, велат од Град Скопје за МИА.
Според планот предвидуваат краткорочни и среднорочни мерки во однос на загадувањето. Меѓу планираните активности од Градот најавуваат забрана за градежни активности во најзагадените делови на градот во најлошите денови. Да се намали фреквенцијата на тешки товарни возила и возила за дотур на стока со нови мерки. Да се засилат инспекциите во соработка со надлежните институции,со 24-часовен мониторинг во дослух со пријавите на граѓаните.
Се планира загадувањето предизвикано од диви огнови уште зимава да го сведат на нула, воведувајќи заеднички тимови на полицијата и противпожарната служба.
Државниот инспекторат веќе направи повеќе теренски контроли на скопските општини, односно во Карпош, Ѓорче Петров и Гази Баба при што е констатирано палење отпад на отворено, неконтролирано користење несоодветни горива во индивидуалните куќи и во индустриски инсталации од помал капацитет.
Се апелира за справување со овој проблем потребно е усогласување на активностите на локалните и на државниот инспекторат.
Среднорочно Градот планира посебен третман да има најголемиот причинтел на загадувањето – огревот во домаќинствата.
– Главен проект ни е гасификацијата на домовите која што ја започнуваме токму од населбите кои не се приклучени на топлификациската мрежа, затоа што ги приоретизираме еколошките аспекти на природниот гас. Предвидуваме нови паркови, но и дополнителна заштита на старите паркови и парк-шуми во Скопје. Наметнуваме обврска за садење на дрвја за секој изграден стан, но имаме и други иновативни пристапи, истакнуваат од Град Скопје.
Меѓу мерките се и нови политики во јавниот превоз и промоцијата на велосипедизмот како секојдневна опција на граѓаните за да го намалиме влијанието на автомобилите.
Според локалната самоуправа конкретизирањето и активирањето на мерките ќе се динамизира во соработка со институциите и во координација со граѓаните и невладините организации со што ефектот од спроведените политики за заштита на воздухот во наредниот период ќе резултиура со зацртаните цели – град во кој се движи чист воздух.
Невладиниот сектор за намалување на аерозагадувањето предлага, исто така мерки за целата грејна сезона и мерки кои ќе се применуваат во критичните периоди.
Меѓу мерките што ги предлагаат за да се намали загадувањето и кои ќе влажат во целата грејна сезона се да се исклучат од сообраќај возилата под ЕУРО-4 стандард и редовно контролирање на издувните гасови со мобилни мерачи, контрола на нелегално горење разни видови отпад. Ограничување на градежните активности, горење само суво нетретирано дрво за затоплување и брикети, исчитени оџаци, како и масовно зазеленување со возрасни дрвјва.
За најкритичниот период при појава на магла и отсуство на ветер подолго време порачуваат исклучување на сите возила од сообраќајот, освен јавниот транспорт и такси возилата над ЕУРО 4 стандард или тие не гас.,времено запирање на работата на стационарните извори на загадување, стопирање на сите градежни активности и субвенционирање на струјата за затоплување кај сите оние кои се греат на загадувачки енергенси.
Порачуваат дека овие мерки мора да стапат на сила пред да започне епизодата на магла, отсуство на ветер, за да се избегне големото загадување.
– Државата, истакнува Пешева, собира годишно даноци поврзани со животната средина од кои само 10 отсто во просек се користат за заштита на животната средина. Додека не се решат суштински проблемите со затоплување, сообраќај, дел од парите од овие даноци треба да се употребат за вакви критични услови како вид на елементарни непогоди, што во суштина и се.
Во услови на високи концентрации во пет последователни денови се препорачува возилата да не се користат без потреба , повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за загревање на домовите да не се користат отпадни материи и да се зголемат инспекциските контроли на оџаците во домаќинствата, објектите и индустриските и занаетчиските постројки од страна на државните инспектори.
Во однос на заштита на здравјето на луѓето се препорачува да се избегнува долгорочна изложеност на отворено, посебно доцна навечер или рано наутро кога концентрациите на ПМ10 можат да го достигнат максималното ниво.
Проблем и прагот на алармирање проблем според невладиниот сектор
Спроед Пешева проблем е и прагот на алармирање за ПМ10 честичките што не е пропишан во законската регулатива. Бараат тоа да биде согласно препораките на СЗО, ЕЕА и европските примери.
– Прагот на алармирање за ПМ10 да биде поставен при достигнување на дневна вредност од над 70 µг/м3, два дена по ред, без оглед дали станува збор за викенд или работен ден и без скриени услови. Итните мерки кои треба да го редуцираат сообраќајот, функционирањето на индустријата, градежните активности, фосилните согорувања и сл, да стапат во сила веднаш наредниот ден и да траат сè додека нивото на ПМ10 честици не биде под дозволеното, до 50 µг/м3 дневно на сите мерни станици, вели Пешева која појаснува дека ова е доставено до Министерството за животна средина и просторно планирање како израз на незадоволство од нивниот најавен предлог со кој прагот на алармирање од сегашната вредност над 100 µг/м3 дневно за период од 10 последователни дена, го зголемува на над 250 µг/м3 за период од два последоватенилни денови (во првата, односно над 200 μг/м3 во 2022 година).
Според неа покрај петкратното зголемување на ПМ10 честички од максималната законски утврдена дневна вредност од 50 µг/м3, Министерството додава и дополнителни услови, од типот на број на мерни станици кои треба да ја имаат просечната вредност и недефинирана стабилна временска прогноза, што според нас е силен показател, дека краткорочни и итни мерки никогаш нема да бидат воведени, потенцира Пешева.
Поради нивната голема опасност по здравјето на човекот, Светската здравствена организација (СЗО) наведува дека ПМ10 не смее да е поголем од 20 µг/м3 годишно, не повеќе од три дена во годината над 50 µг/м3 дневно.
ПМ честичките од 10 микрограми и ПМ2,5 микрограми се прогласени за канцерогени честици од прва категорија, бидејќи во себе ги содржат најтоксичните и најканцерогените супстанции познати на човекот, тешки метали, арсен, жива, кадмиум, олово, хром, никел, радиоактивни, како тие од пепелта и рудникот на РЕК Битола и РЕК Осломеј што содржат ураниум, ториум, радиум, а содржат и диоксини, кои се за пола милион пати поканцерогени од арсенот, а нив ги имаме на претек во воздухот што го дишеме по горењето на отпад и депонии. Поради најголемата количина на емисии на диоксини по број на жители сме водечки во Европа. /MIA