Христијан Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Устав, а со цел промена на уставното име

од Vladimir Zorba

ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротистави со сите демократски и правни средства на капитулацијата што денеска ни ја сервираа и сите обиди за деградирање на суверенитетот на нашата земја. ВМРО ДПМНЕ нема да поддржи промена на Устав, а со цел промена на уставното име, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот протестен марш во Битола.

Пред битолчани, членовите на ВМРО-ДПМНЕ, членови на коалициските партии и симпатизери на опозициската партија, Мицкоски порача дека партијата претстојното лето ќе го посвети на народот со разни граѓански собири и средби на кои како што рече ќе биде соопштена вистината за Македонија.

-Македонија е името со кое се препознаваме и разликуваме од другите. Тоа е нашиот код. Верувам во принципи и вредности и неможам да бидам ништо поинаку од она што се моите принципи и вредности, а за се ова што сега и прават на Македонија ќе дојде денот кога ќе одговараат пред законите и пред народот. ВМРО ДПМНЕ и коалицијата ќе продолжи да работи и чекори со народот во Македонија. Заедно ќе се спротивставиме на сите порази, ќе бидеме во градовите и селата, маалата и улиците, ова лето ќе биде лето за Македонија, за Македонија на слободни луѓе, истакна Мицкоски.

На плоштадот „Гоце Делчев“во Битола, лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, истакна дека тие во ова историски значајно време, ќе бидат гласот на граѓаните на Македонија.

– Оваа задача ја прифаќаме. Пред нас освен секојдневните и реалните проблеми, беспарицата и невработеноста, лошите и катастрофални политики во здравството, образованието и социјалата, во година кога младите генерации масовно ја напуштаат земјата и спасот го бараат надвор од Македонија, се соочуваме и со капитулантскиот договор што денес беше потпишан. Историјата ќе суди. Нашето име е Македонија, нашето име е гордост, а ние сме горди Македонци. Македонија е нашата љубов, нашата заедничка емоција, нашиот завет, нашата татковина и дедовина. Македонија е единствената наша определба, Македонија како основна причина за секој наш чекор, секоја нашата активност, збор или дело, рече Мицкоски.

На денешниот мирен протестен марш во Битола, опозициската партија воедно го одбележа денот на основањето, 28 години ВМРО ДПМНЕ./МИА

Слични содржини