Збор на годината за 2018 година според „Мериам Вебстер“ е зборот „правда“. Изминатите 12 месеци светот зборуваше за расна правда, социјална правда, криминална правда, економска правда … зборот „правда“ се најде во центарот на многу национални дебати ширум светот.
Македонската јавност читаше за „правда“ во случаите „Тенк“, „Титаник“, „Труст“, „Тифани“, „Т.Н.Т.“ на Специјалното јавно обвинителство, но и за „Зијадин Села“ и „27 април“ на Јавното обвинителство.
Специјалното јавно обвинителство 2018 година ја завршува со две правосилни пресуди, три во постапка по жалба во Апелација и 18 тековни судски процеси.
„Тенк“ – пресуда, бегството и политички азил
Најголем интерес кај јавноста предизвика случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот „мерцедес“ во вредност од 600.000 евра.
Случајот започна на 30 јануари 2018 година, а пресудата за поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски судот ја објави на 23 мај. Апелациониот суд во октомрви годинава ја потврди казната од две години затвор за Груевски за стекнување на лична корист и поттикнување на извршување кривично дело, додека казната од 6,5 години на Поповски за злоупотреба на службената положба ја намали на 4,5 години.
Постапката за поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска беше раздвоена поради нејзината бременост, а судијката Добрила Кацарска во октомври годинава и одреди казна затвор од шест години.
Груевски на почетокот на ноември требаше да се пријави за издржување на казната затвор, но наместо во „Шутка“ поранешниот премиер се „јави“ од Будимпешта, каде побара и експресно доби политички азил. Потоа следеше одземање на пратеничкиот имунитет од Собранието и одлука од судот да му се суди во отсуство. Во јавноста излегоа повеќе детали за „бегството“ на Груевски за тоа како успеал со одземен пасош од судот да стигне во Унгарија, но се уште не се знаат помагачите и виновниците за неговото бегство.
СЈО врати над 17,5 милиони евра од „Труст“, „Триста“ и „Тифани“
Првата пресуда беше за новинарката и уредничка во „Сител“ Ивона Талевска на која судот за случајот „Тифани“ на СЈО и одреди условна казна затвор од две години, доколку во следните четири години не го повтори или стори друго кривично, како и да ја врати целата сума за која беше обвинета во предметот. Според обвинението, Талевска затаила 1.6 милиони денари, а нејзините фирми не платиле данок од вкупно 2.1 милиони денари.
Случајот „Триста“ почна на 15 ноември 2017 година, по десетина рочишта пресудата беше јавно објавена на 22 мај 2018 година. Судијката Добрила Кацарска на обвинетиот Ѓоко Поповски го осуди на затворска казна затвор од девет години, затоа што како помошник-министер за внатрешни работи ја злоупотребил службената должност во врска со јавната набавка на 300 возила. Поповски треба да ги надомест трошоците за судската постапка и да врати над 453 илјади евра. На 26 декември годинава Апелација ја укина пресудата и случајот е вратен на повторно судење.
Случајот „Труст“ почна на 7 ноември 2017 година, а по дваесетина рочишта пресудата беше јавно објавена на 20 јули 2018 година. Судот ги осуди првообвинетиот Сеад Кочан на шест години и второобвинетиот Василие Авировиќ на три години затвор, додека двете правни лица „Трансмет“ и „Силекс неметали“ се казнети со парична казна од два милиони денари. Според обвинението, тие формирале конзорциум и со лажни документи добиле тендер за ископ на јаловина во РЕК Битола.
Судијката Лидија Трајковска-Зимбовска определи и конфискација на имот во висина од 17 милиони евра. Јавниот обвинител Гаврил Бубевски ја поздрави одлуката на судот да го конфискува имотот, посочувајќи дека обезбедени се речиси 90 проценти од сумата.
За 18 случаи на СЈО разврска ќе чекаме во 2019 година
– „Таргет-Тврдина“, се однесува на незаконското следење на над 20 илјади граѓани, што според обвинителниот акт на СЈО се вршел преку три системи во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година. Обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата. Случајот се наоѓа во доказна постапка.
– „Тврдина 2“ се однесува на уништување службена документација поврзана со двата система од нелегалното прислушување, кои соред СЈО, биле уништени во текот на 2014 година. Првообвинет е екс-началникот на Петтата управа, Горан Грујовски, и шест вработени во УБК.
Првото рочиште за предметот се одржа на 28 ноември 2016 година, а Кривичниот суд во ноември 2017 година ја објави пресудата, но во мај годинава скопскиот Апелациски суд ја укина пресудата и ја врати на повторно судење затоа што не биле исполнети законските услови за судење во отсуство на Горан Грујевски.
Во 2019 година СЈО ќе ги води и случаите „Транспортер“, „Т.Н.Т.“, „Тарифа“, „Топлик“, „Траекторија“, „Трезор“, „Тотал“, „Монструм“, „Тендери“, „Општина Центар“, „Тортура“, „Титаник“, „Титаник 2“, „Титаник 3“, „Тревник“ и „Трезор“
Судството во 2018 – меѓу ЕУ и собраниската амнестија
Јавното обвинителство отвори два случаи за случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година. Првиот против десет лица за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села и вториот против 33 лица за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата.
Пресудата за првиот случај, познат во јавноста како „Зијадин Села“ беше објавена на 5 јули годинава. Судијката Славица Андреевска на седуммина им одреди затворски казни меѓу тринаесет и десет години затвор, а двајца обвинети кои ја признаа вината добија три и една година затвор. Поради немање доволно докази обвинението беше повлечено за еден од првично обвинетите.
На 22 август 2018 година започна судската постапка за вториот предмет на ЈО, познат во јавноста како „27 април“. По повеќе судски рочишта, изведени докази и сослушани сведоци и обвинети, на 18 декември годинава Собранието изгласа Закон за амнестија за нападот во Собранието на 27 април. По поднесените барања за амнестија веќе одлучуваше судот и обвинителството.
Најголемиот удар за судството во 2018 година сепак не беа големиот број одложени рочишта и времетраењето на постапките, туку во јавноста најмногу полемика предизвикаа судските одлуки на две земји членки на Европската унија, а кои беа поврзани со македонски државјани. Првата е Грција, која го одби барањето за екстрадиција на двајца македонски државјани и го уважи нивното повикување на амнестијата од претседателот Ѓорге Иванов, а втората е Унгарија и доделувањето политички азил на екс премиерот Груевски.
Александар Атанасов МИА