Поминуваме многу време со колегите на работа и сосема е очекувано од овие односи да се развијат и блиски пријателства.
Тоа е добро, бидејќи пријателските односи меѓу вработените ја зголемуваат продуктивноста и нивото на среќа кај луѓето. Кога вработените се во пријателски односи, тоа ја зголемува нивната посветеност наа работата и нивото на доверба меѓу нив. Со тоа се зајакнува целата „конструкција“ на работната сила во компанијата.
Сепак, блиските односи на работното место може да бидат и проблематични и како ќе се поставите во такви ситуации може да биде решавачко за вашата кариера, но и за пријателството.
Со шефот
Нема да се согласувате буквално со сите на работното место, што е нормално, но има една личност со која ви одговара да бидете во добри односи, заради вашата кариера – тоа е шефот. (Понатаму во текстот кога се користи терминт „шеф“ се мисли и на маж и на жена на таа позиција).
Односот што ќе го изградите со шефот во голема мера влијае врз траекторијата по која ќе се движи вашата кариера, во таа компанија и понатаму. Дали шефот ќе се залага за вас или не ќе ви смени многу во секојдневното работење. Од шефот зависи какви задачи ќе добивате, дали ќе добиете унапредување или покачување на плата, па и препорака за трансфер во друга фирма.
Затоа, во ваш интерес е да изградите солиден работен однос во кој ќе ставите до знаење дека ви е јасно кој каде припаѓа во хиерархијата, но исто така дека сте вредни, амбициозни и незаменливи.
До вчера колеги, сега вие сте шеф
Ако добиете унаредување на работа и станувате надреден на близок пријател со кој до вчера сте биле колеги, тоа ја менува динамиката на моќ во врската. Мора да бидете разумни и веднаш да разговарате.
Тој разговор ќе биде тежок и можеби непријатен, но во спротивно ризикувате да ја изгубите довербата на претпоставените, љубовта на пријателот, па дури и работното место.
Ставете до знаење дека нема да има никаков непотизам, фаворизирање или попуштање. Кажете им на пријателите дека ја очекувате почитта што доаѓа со позицијата и потрудете се да ја оправдате таа почит како фер шеф.
Експертите велат дека најдобро е да бидете во пријателски однос со колегите и претпоставените на работа, но да не целите кон градење на однос од типот „најдобар пријател“. Секако, ако тоа се случи, бидете реални и практични и поставете граници на самиот почеток.